ДПИ изврши 488 контроли за почитување на здравствените протоколи и 123 контроли поврзани со викендот без ДДВ – ММС
ММС

Објавено на: 10/11/20 12:41 PM

ДПИ изврши 488 контроли за почитување на здравствените протоколи и 123 контроли поврзани со викендот без ДДВ

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вчера изврши вкупно 36 надзори и 488 контроли во угостителски објекти во повеќе градови во државата, согласно законите за угостителска дејност и за заштита од пушењето, како и според здравствените протоколи (дозволено растојание, распоред и број на маси и друго) за отворање и работа на угостителски објекти, информираат од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси​, Љупчо Николовски.

Во дел од угостителските објекти, инспекторите утврдиле неправилности во однос на непочитување на здравствените протоколи и работното време и прекршување на Законот за заштита од пушењето.

-По извршената контрола ДПИ ќе поднесе 12 кривични пријави за непочитување на здравствените протоколи во угостителски објекти во Скопје, Охрид, Битола и Кичево. Две прекршочни постапки за затекнати нерегистрирани објекти во Скопје и Тетово. Една прекршочна постапка за непочитување на работно време во објект во Кичево. Една прекршочна постапка за прекршок по Законот за заштита од пушењето во објект во Скопје и едно непостапување по издадено rешение за привремена забрана за вршење дејност од страна на објект во Битола, за што ќе следи физичко запечатување на истиот со пломба, велат од КЗПВРСМ.

Оттаму информираат дека ДПИ најмногу надзори и контроли извршил во Скопје, и тоа осум надзори и 267 контроли.

-За прекршување на протоколите ќе бидат поднесени пет кривични пријави, една мерка за нерегистриран објект и една мерка за непочитување на забраната за пушење. Во Охрид, се извршени еден надзор и 43 контроли, а поднесена е една кривична пријава. Во Битола, ДПИ спроведе седум надзори, изречена е една кривична пријава, и една мерка за непочитување на решение за привремена забрана за вршење дејност. Во Кичево, се извршени 6 надзори, 20 контроли, при што се изречени пет кривични пријави и една мерка за непочитување на пропишаното работно време, соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот Николовски.

Инспекторите на ДПИ во Тетово вчера извршиле еден надзор, 30 контроли, и затекнале еден нерегистриран објект.

Останатите контроли и надзори биле извршени во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Виница, Штип, Берово, Пехчево, Кавадарци, Куманово, Крива Паланка, Кратово, каде што не се утврдени прекршувања на законите и протоколите.

-Со оглед на трендот на зголемување на бројот на заболени од вирусот КОВИД-19, апелираме граѓаните, како и трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење. Сите инспекциски служби се постојано на терен и ќе продолжат и во следниот период со интензивни контроли во делот на почитување на здравствените протоколи. Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија, и затоа нема да има толеранција за прекршителите на здравствените КОВИД протоколи, велат од кабинетот на Николовски.

Воедно, ДПИ, во текот на вчерашниот ден, а поради почетокот на викендот без ДДВ и заштита на потрошувачите, изврши вкупно 28 надзори и 123 контроли во трговски објекти во повеќе градови согласно Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите и Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија.

-При тоа изречени се мерки по Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија во три објекти во Струга, четири мерки по Законот за трговија во објекти во Скопје и две мерки по Законот за заштита на потрошувачите во Тетово, за што ќе се поведе прекршочна постапка како и постапки за прекршок по Законот за трговија во шест објекти во Скопје. Во останатите објекти при спроведените контроли во другите градови, не се констатирани неправилности,нагласуваат од кабинетот на вицепремиерот.

Оттаму истакнуваат дека за време на деновите без ДДВ, ДПИ ќе продолжи со контролите во делот на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите.