Женското ментално здравје загрозено во услови на коронавирус – ММС
ММС

Објавено на: 10/11/20 8:25 AM

Женското ментално здравје загрозено во услови на коронавирус

Пандемијата со Ковид-19 има сериозно влијание врз менталното здравје на целата популација, а особено врз женската. Вчера светот го одбележа денот на Светскиот ден на менталното здравје, а според светските статистики депресивните нарушувања сочинуваат близу 41,9 отсто од невропсихијатриски нарушувања кај жените, во споредба со 29,3 отсто кај мажите и пред појавата на Ковид-19.

Пандемијата го зголеми негативното влијание врз менталната состојба на женската популација, а причините се многубројни, но една од нив е дека најголем дел од жените се вработени токму во оние дејности, кои се под посебен ризик, како здравствени работници или во социјалниот сектор.

На оваа тема разговаравме проф. д-р Славица Арсова, психијатар во ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје.

-Овие жени се и мајки и сопруги, но се постојано изложени, не само на ризик од зараза, туку и во една стресогена ситуација, која ги троши телесните и менталните сили. Друга категорија се жените кои работеле во дејности со несигурен приход, голем дел од нив ги изгубиле своите работни места или пак се принудени да работат со цел да го сочуваат работното место, нагласува Арсова во разговор за МИА.

Стресот во услови на пандемија зголемен кај самохраните мајки и бремените жени

Состојбата со Ковид-19 го зголеми стресот кај бремените жени, самохраните мајки, но генерално и кај сите мајки, кои работат од дома, а кои истовремено треба беспрекорно да се грижат за своите работни обврски, но и за потребите на своите деца.

Целата оваа состојба, вели Арсова, не помалку стресогена е за оние мајки кои во тек на целата криза работат од дома, што значи во домашни услови да ги извршуваат работните обврски, а во исто време да ја играат улогата на мајка, сопруга или ќерка на своите повозрасни родители.

-Посебна категорија на мајки се самохраните мајки, кои самостојно се грижат за своите деца, но во исто време со чувство на страв и небезбедност кое потекнува од страв од зараза, страв од сиромаштија, страв за безбедноста на децата, а сето ова е поинтензивно токму од причини што одговорноста за семејството е на еден родител. Мајките кои во време на корона се бремени или породени со бебе се соочуваат со бројни стравови врзани со бременоста, која секако ја менува психолошката состојба на бремената жена, со страв од можна зараза и пренесување на нероденото бебе, страв од предвремено продување, а оние пак, што се породени со бројни стравови врзани околу способноста за грижа за себе и бебето, во смисла на доење, нега во услови на Корона. Сето ова е интензивирано и од неможноста за редовни и целосни докторски контроли или отежнати контроли кај својот матичен гинеколог, педијатар или друг доктор, појаснува Арсова.

Друга група на мајки се оние мајки кои трпат семејно насилство кое, како што вели, во време на корона е двојно или тројно зголемено насекаде во светот, а најчести жртви се мајките и децата. Насилниците во време на корона се подолго со своите семејства, контролата врз жртвите им е зголемена, а злоупотребата на алкохол или дроги кај нив е засилена.

Докторката Арсова ни појасни дека мајките кои сега се соочуваат со почетокот на новата учебна година, се соочуваат со несигурност во однос на можната зараза со вирусот од една страна, а од друга страна со страв од губиток на работното место или неефикасност. Покрај тоа, тие се соочуваат со предизвик во однос на онлајн наставата која, како што вели, секако е нова, непозната за сите, па и за децата и нивните родители.

-Покрај сето наброено, нема друг начин освен прилагодување на сите на новите услови на живот, како на мајките и нивните деца, така и за сите останати луѓе со користење на сите мерки на превенција за зачувување на менталното здравје. Превентивните мерки се поголема информираност за се што ни е непознато, одржување на социјалните контакти на различен начин, зголемена физичка активност, поголема отвореност за барање помош од стручните кадри, подобрување на комуникацијата во семејството и со наставниците, отвореност за помош на сите оние жртви на семејно насилство, ни порча д-р Славица Арсова.

На оваа тема разговаравме и со 40-годишната Ана Марија од скопската општина Аеродром, мајка на две деца. Таа ни го пренесе нејзиното искуство во одгледувањето и воспитувањето на две деца за време на коронавирусот.

– Навистина е напорно, тешко, понекогаш исцрпувачки. Семејството и децата за мене секогаш се на прво место. Грижата и хигиената, од март годинава кај сите нас е зголемена двојно, би рекла и повеќе. Но, затоа не можеме целосно да и се посветиме на работата, како претходно, особено ако работиме од дома. Тешко е да се работи во домашни услови. Клучно е да се балансира и да се има поддршка од најблиските членови на семејството, изјави Ана Марија во разговор за МИА.

Таа ни посочи дека со семејството ги почитуваат препораките на здравствените власти за заштита од коронавирусот, носат маска, одржуваат дистанца, внимаваат на хигиената, на исхраната. Слободното време го поминуваат во природа, на чист воздух, на сонце, спортуваат…Препорачува сите да се чуваат, да внимаваат, да се грижат за своето здравје, за здравјето на најблиските и за колективното здравје и да практикуваат нешто што ги усреќува – спорт, читање, домашни миленици и слично.