Министерот за надворешни работи на Иран, Мухамед Џевад Зариф, истакна дека го поздравуваат примирјето прогласено помеѓу Азербејџан и Ерменија по средбата реализирана во Москва, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Иран го поздравува примирјето како чекор направен кон мирот во Нагорно Карабах“, напиша Зариф на својот твитер-профил, упатувајќи благодарност до Русија за вложениот напор за постигнување на ова примирје.
„Упатуваме апел до нашите соседи, Азербејџан и Ерменија, да влезат во суштински дијалог врз основа на почитување на меѓународното право и територијалниот интегритет“, додаде шефот на иранската дипломатија.
Инаку, денес во 12:00 часот по локално време стапи во сила хуманитарното примирје постигнато помеѓу Азербејџан и Ерменија, со цел размена на трупови и заложници. Примирјето беше постигнато по состанокот кој траеше над 10 часа, што се одржа вчера помеѓу министрите за надворешни работи на двете земји, со посредство на Русија.