„Нема правда, има мир“, тема во денешниот „Стадион“ – гостуваа Гордан Калајџиев, Рената Дескоска и Влатко Илиевски (видео) – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/20 1:10 PM

„Нема правда, има мир“, тема во денешниот „Стадион“ – гостуваа Гордан Калајџиев, Рената Дескоска и Влатко Илиевски (видео)

Беше – нема правда, нема мир, па – има правда, нема мир, ќе биде ли сега – нема правда, има мир? Случајот со аболицијата на Ѓорге Иванов, која прво ја даде, па ја повлече, кој потоа се најде пред Европскиот суд за човекови права, па сега оттаму од македонските органи бараат одовори за аболицијата и дали може да се отповика, за предметите и обвиненијата од СЈО, кое сега веќе не постои…

Тоа беше темата во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“. Онлајн-гости беа Влатко Илиевски, адвокат, застапник на апликацијата во Стразбур, инаку сопруг на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, професорот Гордан Калајџиев и екс-министерката за правда Рената Дескоска. Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската сторија на Габриела Додевска „Како аболицијата на Иванов стигна до Европскиот суд за човекови права во Стразбур“.

– Ние тврдиме дека не може да се отповика помилување. Тоа што е направено е направено спротивно на принципот на владеење на правото. Но, еве, оставаме Владата да коментира зошто мисли дека може – рече Влатко Илиевски.

На прашањето од водителот на емисијата, Столе Наумов, како е неговата сопруга Гордана Јанкуловска, која сега е во затвор, Илиевски одговори:

– Гордана е добро. Храбро се држи. Знае дека правдата е на нејзина страна и, кога-тогаш, ќе излезе на виделина. Мислам дека ќе се избориме до крај. Гордана ниту обвинила некого, ниту осудила некого, ниту, пак, нарачала пресуда против некого. Ова е класична политичка одмазда. Гордана не заслужува апсолутно ваков третман. Ако некој направил нешто за оваа држава, тоа е Гордана – смета Илиевски.

Професорот Калајџиев, кој одамна предупреди дека случајот, со сите последици, може да се најде во Стразбур, истакна дека политичарите кај нас мора да ги тргнат рацете од правдата и да престанат да се однесуваат како таа да е нивно стекнато право и откако ќе дојдат на власт да си играат со правниот систем.

– Не треба човек да биде пророк, треба само да го познава правото и практиката на Стразбур. Но, кај нас работите што не ви одговараат ги ставате под тепих и кога ќе дојде нож до коска, се обидувате да ги решите – истакна Гордан Калајџиев.

Екс-министерката Дескоска смета дека имало аргументи за одбрана во Стразбур на позицијата на државата.

– Во секоја судска постапка аргументи имаат и една и другата страна, а судот на крајот одлучува и пресудува. На случајот и досега имаат работено наши аксперти. Верувам дека колегите од Бирото за застапување на нашата држава пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе ги користат и тие аргументи – рече Рената Дескоска.