Смеј се со луѓето кои ги сакаш и те сакаат – Со Розалија Секулоска за Светскиот ден на менталното здравје – ММС
ММС

Објавено на: 10/10/20 11:00 AM

Смеј се со луѓето кои ги сакаш и те сакаат – Со Розалија Секулоска за Светскиот ден на менталното здравје

Денеска ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на менталното здравје, а кампањите и активностите во рамките на одбележувањето имаат за цел да ја подигнат свеста за проблемите поврзани со овој аспект на здравјето. На овој ден се афирмира можноста на сите засегнати страни кои работат на проблеми со менталното здравје да зборуваат за нивната работа. Токму тоа, Македонскиот медиа сервис го искористи како повод за нов разговор со Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија и советник психотерапевт. Таа овојпат зборува за тоа што претставува грижата за менталното здравје и што самата презема во таа насока.

Бидејќи разговорот го реализираме по повод Светскиот ден на менталното здравје, кажете ни на почеток што претставува грижата за овој аспект на здравјето? Што е она што го прави еден човек кој се грижи за менталното здравје?

Грижата за себе, е многу важна работа за секој човек. Но жално е што најчесто стигнуваме до степен на симптоми дека нешто се случува во организмот или до болест за да се освестиме и да започнеме да се грижиме за себе, односно за менталното здравје. Ретки се луѓето кои без симптоматологија имаат стил на живот кој е карактеристичен како грижа за менталното здравје, или пак најчесто тоа се луѓе во поодминатите години кои болеста ги надвиснала и мораат да се грижат за да го продолжат и олеснат животниот век.

Под грижа за менталното здравје, ние психотерапевтите подразбираме грижа за когнитивно-емоционално-социјалниот аспект на личноста. Тоа би значело дека без разлика на многуте изговори, како што се брзото темпо на живот, ограничените ресурси и слично адолесцентот или зрелиот човек се грижат за количината и квалитетот на сонот, видот на исхраната и доколку има потреби внесување на суплементи, физичка активност, помалку стрес а повеќе радост и смеа и воспоставување на здрави а, не токсични релации.

Кои се психолошките растројства кои се најзастапени во Македонија и што во нашево општество ги прави луѓето најранливи?

Низ последните години па и децении во нашата земја најзастапени се невротските состоби, а потоа и психозите. Со други зборови кажано, денес процентот на менталните болести е многу висок и најзастапени се анксиозноста, генерализираното анксиозно растројство, паничните напади, депресијата, социјалните фобии, зависностите како што се анорексија, булимија и хазардните игри особено кај младата популација. Од друга страна, генетската преоптовареност и нездравиот стил на живот но и стресот, ја активираат психозата кај оние кои се поранливи, а тоа се шизофренијата, шизофрениот шуб и психозата. Многу ме загрижува и растажува феноменот дека стапката на возраст на менталните болести и растројства е намалена.

Колку нашите граѓани се свесни за придобивките од посетата на психолог или од психотерапијата? До каде сме со следењето на трендовите од развиените држави каде луѓето неретко го подобруваат квалитетот на живеење со помошта од стучни лица?

Многу пати сум кажала еве и сега ќе кажам дека свеста од потребата за стручна психотерапевтска помош се зголемува, но за жал се’ уште е на многу ниско ниво. На оние на кои навистина им е потребна, многу често се упатуваат во погрешен правец, а не на психотерапевт. Некои земаат лекарства на свои раце, применуваат алтернативна медицина која ја поддржувам, но не секогаш како единствен лек или решение, или чекаат менталната болест да помине сама од себе. Откако ќе се влоши состојбата, најчесто со упат одат кај психијатар, добиваат брдо лекарства кои ја намалуваат симптоматологијата, но не го решаваат проблемот.

Ретки се оние кои ќе побараат психотерапевтска помош и тоа го прават тајно за да не бидат етикетирани како болни. Предрасудите за лекување на психотерапевт сеуште ни се тука и тоа особено кај посилниот пол, бидејќи тој е воспитуван да ги решава проблемите сам и целото семејство да го носи на грб.

Најсвесни за бенефитите од психотерапијата имаат токму оние кои минале низ процес на работа со стручно лице. Па така похрабрите знаат да не препорачаат кај пријателот или роднината кој има потреба од нас. Сето тоа не сведува на заклучок дека е потребно подигнување на свеста дека одењето на психотерапија е потребна работа во сите периоди од животот и кај двата пола па дури и кога нема проблем. Од неа нема што да загубат освен да добијат ментално-психолошки имунитет.

Додека социјалните мрежи ни го олеснуваат животот во смисла на тоа дека ни ја подобруваат комуникацијата со светот, постојано се обидеме преку нив да прикажеме еден совршен живот. Како тој притисок кој особено младите си го прават на самите себе, може да се одрази врз менталното здравје? Може ли да создаде стрес поривот да се прикаже една слика делумно или целосно поразлична од реалноста?

Зависи кој за што ги користи социјалните мрежи. Кај некои се средство за информација, разонода, реклама и бизнис, а кај другите за жал се средство на комуникација, ѕиркање во туѓиот живот до степен на опседнатост а кај некои свесно или несвесно создавање на искривена слика за себе, односно еден вид на лажен идентитет. Жално е како слободното време се губи на виртуелна реалност само за да се нахрани незадоволената потреба за припаѓање, љубов, поддршка, сигурност, престиж, статус, преку постојаните објави на селфи, користење на софтверските апликации за подобрување на изгледот и броењето на лајкови. Сето тоа влегува во секојдневицита, создава стил на живот, а со тоа болест и негрижа за менталното здравје. Компјутерската комуникација ја уништува комуникацијата во живо. Многу млади полесно стапуваат во виртуелен контакт и немаат храброст, самодоверба и вештини да настапат со говор во јавност.

Какви телесни проблеми може да создаде психолошката нерамнотежа?

Многу органиски но и ментални болести и состојби зборуваат преку телото. Некои многу рано пред да земе замав сериозноста, а некои многу доцна бидејќи не сакаме да ги слушнеме и да работиме на себе. Телесните проблеми можат да бидат од наједноставни како кожни испипи, респираторни алергии, хронични главоболки до степен на мигрена, промени во сонот, промени во хормоналниот баланс, кардиоваскуларни промени и многу други, преку однесувањето, нервоза, вознемиреност, агресивност, тага и повлеченост, оттуѓување од животот па се’ до дереализација и деперсонализација.

Оттука може да се види колку е важно менталното здравје за здрав живот. Ако го набљудуваме медицински, тоа е како орган кој заради најразни причини почнува да откажува и му треба стручна помош. Ако сакаме со компјутерскиот јазик, тоа би бил навлезен вирус кој се шири, го напаѓа софтверот кој не може веќе да функционира и потребен му е антивирус да го исчисти и рестартира.

За крај, како Вие лично се грижите за своето ментално здравје?

Ова прашање ми се допаѓа. Може да се каже дека порано повеќе сум се грижела за себе отколку денес на овие години. Тогаш сум била помлада кога не сум имала толку приватни и професионални обврски. Но доброто кај мене е свесноста на сетилата кои ми укажуваат кога треба да дигнам рачна, да застанам и да се одморам.

Одморот е нешто што многу ми недостасува, а под тоа подразбирам да бидам сама со себе. Секојдневно работам многу работи, многу сум ментално активна, што заборавам да застанам и да земам здив. Но кога телото ќе ми каже, а многу добро го слушам, неколку дена по ред знам да го изгасам мобилниот на одредено време за да не ме вознемируваат дразби, се вртам кон филмот, одам во природа и уживам во неа. Инаку во однос на сонот, добро спијам па дури секоја прилика ја користам да дремнам, релативно добро се хранам и спортувам понекогаш јога, медитирам и се смеам со луѓето кои ги сакам и ме сакаат.

 

Вања Мицевска