Како аболицијата на Иванов стигна до Европскиот суд за човекови права во Стразбур – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/20 8:56 PM

Како аболицијата на Иванов стигна до Европскиот суд за човекови права во Стразбур

„Одлучив да се стави крај на оваа агнонија на Република Македонија, метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски одлуки, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или подржувачи од спротивставените страни. Таквата одлука ја донесов и ја потпишав денес и стојам зад неа. Во одлуката пишува дека стапува на сила веднаш“, рече поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов пред четири години при своето обраќање пред јавноста.

Тој на 12 ти април 2016 година ја донесе и потпиша аболицијата односно помилувањето на 56 лица помеѓу кои и тогашни актуелни политичари и од власта и опозицијата и нивни блиски соработници кои беа инволвирани во аферата прислушување и за кои се водеше постапка од Специјалното јавно обвинителство.

По само месец и половина на 27 ми мај, под притисок на јавноста претседателот се предомисли. Во обраќањето тој соопшти дека донел одлука да ги поништи одлуките за аболиција на 22 лица, меѓу кои и лица кои дотогаш не се обратиле до Кабинетот на Иванов со такво барање.

„Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, во согласност со законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки“, рече Иванов во своето обраќање.

Тој вели дека на 12 април, кога ја донел одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за поголем број лица, таа била донесена во согласност  со Уставот и со Законот за помилување и била донесена исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

Откако Собранието таа година продолжи со работа, беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за помилување кои предвидуваа Претседателот во рок од 30 дена од донесувањето на Законот да ги повлече одлуките за аболиција за оние кои ќе го побараат тоа.

По неговата одлука, започнаа серија протести на таканаречената Шарена Револуција, при кои демонстрантите бараа повлекување на одлуката за аболиција и оставка на претседателот.

„Прогласува општ акт со кој што општ акт ги прекинува сите кривични постапки против лица од власта и опозицијата, со што фактички направи аболиција на сите предмети кои што се покренати од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кои што предмети произлегуваат од незаконски предадените прислушувани аудио материјали поради кој беше направен и Договорот од Пржино. Автоматски со Договорот од Пржино произлегува дека е мртов, и со кој Специјалното јавно обвинителство не би требало да постои“, беше изјавата на еден од присутните демонстранти кој и се обрати на толпата народ.

На 6 ти јуни од Кабинетот на Вила Водно до медиумите пристигнува соопштение во кое се вели дека „Претседателот на државата, Ѓорге Иванов донел одлука да ги поништи и преостанатите 34 одлуки за помилување, кои ги донел на 12 април“.

Во соопштението се наведува дека по поништените 22 помилувања кои се однесуваа на политичари, до кабинетот на Иванов ниту едно од преостанатите 34 помилувани лица дотогаш не поднело барање за повлекување на аболицијата.

„Досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување. Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно – политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април“, стои во писмената изјава на Иванов.

Во месец март истата година пред да биде потпишан ваков документ на Иванов,  Уставниот суд ги укина измените на Законот за помилување, одлуката се донесе со мнозинство гласови од деветте уставни судии. Во тој период кога се разгледувал спорниот закон, мнозинството судии сметале дека истиот предвидува ограничување на Претседателот на РМ при давањето на помилување, така што не може да се даде помилување на лица осудени за кривични дела утврдени со измените на Законот.

Во измените кои сега се веќе укинати, беа опфатени неколку кривични дела за кои Претседателот на РМ не може да даде помилување. Тоа се: кривичните дела против изборите и гласањето, кривичните дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против здравјето на луѓето, кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и употреба на дроги и кривични дела против човечноста и меѓународното право.

По одлуката на Иванов за аболиција тогашното постоечко Специјално Јавно Обвинителство на прес конференција информираше дека и покрај одлуката за аболиција, донесена од претседателот, предистражните и истражните постапки кои ги води обвинителството ќе продолжат. Од СЈО тогаш потенцираа дека немаат добиено одговор од Претседателот на прашњата од каде му се податоците и информациите за лица осомничени во постапки што ги води СЈО, кои се тајни. Тие тогаш испратиле едно барање на 15 април и една ургенција на 9 мај, но до моментот кога се одржала прес конференцијата немале добиено одговор од Кабинетот на Иванов.

Уставниот суд на Република Македонија во октомври 2016 година ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на одлуките со кои претседателот Ѓорге Иванов на 12 април годината помилува 56 лица, со образложение дека тој на 27 мај ги повлекол одлуките и со тоа тие веќе не се во правниот поредок.

Четири години подоцна, односно на 5 -ти месецов  Европскиот суд за човекови права во Стразбур на својата веб страница ги објави имињата на поранешните функционери кои ја тужат државата и се повикуваат на аболицијата која во април 2016 година ја даде поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Во првата група се Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и шефот на кабинет на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, Киро Тодоровски.

Во втората група апликции се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, повторно Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, и поранешните градоначалници на општините Гази Баба, Пустец и Битола, Тони Трајковски, Едмонд Темелко, Владимир Талески и ексшефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

Државата треба да даде одговор дали општата аболиција која Иванов ја даде во 2016-та година е законска и дали нејзиното повлекување е правно издржано.

Прашањата гласат:  „Дали одлуките за помилување на Претседателот на државата од 12 април 2016 година беа неотповикливи“ и „Дали Актот за помилување беше од индивидуализиран карактер?“

Министерот за правда  Бојан Маричиќ на прес конференција информираше дека пред десетина дена до Владата стигнало барање од Европскиот суд за човекови права да одговори во врска со апликациите поднесени до Судот поврзани со предметите на поранешното СЈО  и дека во овој период државата подготвува стратегија за настап кој како што рече ќе биде во одбрана на владеењето на правото и правната држава.

-Се уште сме во една рана и почетна фаза на постапката, а Република Северна Македонија е странка во постапката и треба соодветно да се однесува. Не би ги изнесувал детално аргументите, ниту стратегијата на нашата позиција пред судот. Ние сме во една почетна деликатна фаза и секое изјаснување јавно на влади, на кој било владин претставник може да има последици во натамошната постапка. Ние сме во почетна фаза, стигнаа пред десетина дена апликациите на одговор од Владата. Се уште ги разгледуваме во нашите институции, интензивно работиме и се подготуваме во нашите институции и не би давал конкретни податоци, што и како ќе се случува. Мислам дека ќе направиме соодветна стратегија која што ќе работи во одбрана на владеење на правото и правната држава, рече министерот Маричиќ на 8 ми месецов.

Претседателката на Институтот за човекови права Маргарита Цаца Николовска, вели дека прво и основно што треба да се испита е законистоста на постапувањето во носење на решенијата за амнестија.

-„Законистоста како стандард е најважен стандард во било кое постапување, тоа е стандард кој што неверојатно го експлоатира Европскиот суд за човекови права и она што е најважно тоа треба да биде и наш стандард, и ние треба да одговориме на прашањата „Дали претседателот  во тоа време кога ја носи одлуката постапува согласно закон?“ или неговото постапување е пропишано по закон. Кога ќе се одговори на тие прашња, тогаш ќе може да зборуваме за тие поконкретни акции и од страна на државата и од страна на апликантите“, изјави Цаца Николовска.

Допишувањата, наводите и изнесувањата пред судот во една пристојна постапка очекувам да траат до месец април или мај, а потоа на судот би му биле потребни пет до шест месеци откако ќе заврши фазата на меѓусебно допишување да одлучи и да донесе пресуда, вели адвокатот Константин Богданов.

-„Во меѓувреме по правилата на судот, судот може да закаже и јавна расправа секако доколку закаже, тоа евентуално дополнително ќе го продолжува рокот за да се подготви таа јавна расправа. Но за очекување е барем да стигне до пресуда веројатно би било најрано следната есен. Она што е значајно по мене се извршноста да кажам на овие пресуди ќе биде интересно и за правната јавност да се види кој ќе биде ставот на Судот во Стразбур имајќи ги во предвид и наводите во Владата, апликантите од аспект на тоа дали аболицијата треба да важи или не треба да важи“, вели Богданов.

Професор Д-р Љубомир Фрчковски во едно негово телевизиско гостување јавно го искажа својот став поврзан со аболицијата и Судот во Стразбур. Вели дека Иванов излегол од своите надлежности, наместо да направи помилувања кои уставот му ги дава во надлежност, тој  де факто направил амнестија.

-„Судот го укинува законот со кој се укинува членот 11 кој му дава пошироки обвалстувања на претседателот, прашањето е дали тој член продолжува да важи откако Уставниот суд го укинува законот со кој тој член се укинува. Управниот одбор во принцип е не, бидејќи ако Уставниот суд донел поништувачка одлука, значи го поништил законот со кој тој член претходно се укинува, тогаш настанува ситуација како тој закон никогаш не постоел, односно тој член се враќа во сила. Бидејќи судот не донел таква одлука, туку донел укинувачка одлука тој член 11 не е на сила дури после таа укинувачка одлука, тој член 11 не е на сила дури после таа укинувачка одлука на Уставниот суд. Проблемот е што претседателот прави „ultra – vires- act“ односно исчекорува од своите надлежности и прави де факто амнестија која ја анрекува аболиција, по членот 68 пд Уставот што му дава право на Собранието тоа да го прави. Не прави помилувања какви што уставот му дава него согласно закон и тука ја прави грешката и таа грешка ќе биде анализирана од судот“, изјави Фрчковски во телевизиско гостување на Тв 24.

Од Твоја Партија како што велат во нивното писмено соопштение ги следат активностите поврзани со апликациите поднесени до Стразбур, и ја поттикнуваат власта во својот одговор до Европскиот суд за човекови права да обрне внимание на податокот дека било дадено колективно помилување на група луѓе кои биле наведени само со име и презиме, без други поддатоци за идентификација, без споменување на конкретни случаи за кои се товарат и без образложение зошто Претседателот решил да ги помилува, како и отсуството на правен основ за донесување на одлука за помилување од страна на Иванов без почитување на предвидените процедури во Законот, стои во дел од соопштението на Твоја Партија.

Тие бараат од Владата да покаже и докаже дали навистина вака ги толкува постапките на тогашниот претседател Иванов или си „играла“ правни толкувања. Ако навистина верувала дека Иванов ја злоупотребил својата позиција, тогаш неопходно е актуелната власт да започне процедура пред соодветните судски органи за утврдување на кривична одговорност на Иванов за кршење на Уставот и законите во вршење на своите права и должности, велат од Твоја Партија.

Во оваа афза на државата и се оства можност од неколку недели за евентуално спогодување и доколку тоа не се случи, натаму останува можноста за одговор, тужбеното барање и започнување на постапка.