До 30 октомври е рокот за продолжување на правото на студентска стипендија – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/20 4:12 PM

До 30 октомври е рокот за продолжување на правото на студентска стипендија

Корисниците на правото на студентска стипендија остварено во некоја од изминатите академски години, кои ги исполнуваат договорните услови за негово продолжување, треба да достават документи во  Министерството за образование и наука најдоцна до 30 октомври.

-Корисникот на стипендија треба да достави потврда за запишан нареден семестар, односно година на студирање и уверение/потврда за предвидени и положени испити со успех од претходните години и индекс на увид, како докази дека има положено 80 отсто односно 90 отсто (зависно од типот на стипендијата) од предвидените испити, односно дека го одржал просечниот успех на студирањето, согласно со договорот за стипендија, наведува МОН.

Документите се доставуваат во писарницата на МОН или по пошта (препорачана пратка со повратница) на адреса: бул. „Св. Кирил и Методиј” бр.54, 1000 Скопје.