Новата учебна година за 840 ученици и 120 наставници во гостиварската гимназија започна без потешкотии. Дали ќе заврши регуларно засега е неизвесно.
Од управата на ова средно училиште посочуваат на проблем што ќе настане по истекот на договорот на Министерството за образование и наука што е склучен со операторот кој обезбедува интернет врска. Засега наставата се одвива, но не е според предвиденото.
Оваа образовна институција не може да склучи договор со некој од операторите и да обезбеди стабилен интернет до крајот на учебната година. Причината е блокираната сметка на гимназијата од побарувањата на судски извршители.
– Според известието од МОН, сметките за интернет, нашето училиште ќе треба да ги плаќа од 1 јануари, но таа обврска не сме во можност да ја исполниме. Проблемот е во блокираната жиро-сметка и како институција не можеме да извршиме јавна набавка за дополнителен интернет кој е неопходен за одвивање на онлајн настава во второто полугодие. Побаравме помош од локалната самоуправа и сега се бара начин како би тие би ги подмирале сметките за интернет конекцијата, вели Мирсад Исени директор на Општинското средно училиште Гостивар.
Приходите кои гимназијата ги остварува од полагањето и други дејности не се на располагање и не можат да се користат и ја спречуваат институцијата на изврши јавна набавка.
– Ние не сме профитабилна институција и да заработуваме. А и сите приходи и исплати се одвиваат преку банки. Блокирната сметка е блокирана од друга страна не спречува да вршиме плаќања, вели првиот човек на гостиварската гимназија.
Тој нагласува дека и со сегашната конекција имаат тешкотии за непречено одвивање на онлајн наставата, но добиле уверување дека проблемите ќе се надминат.
Исени потенцира дека во меѓувреме успеале ги надминат проблемите со недостигот на опрема за наставниците кои не можат да одржуваат настава од дома. Преку донација од иселеници обезбедиле десет лаптопи со дополнителна опрема кои имаат одлични технички перформанси.
Проблемите во гостиварската гимназија се влечат повеќе една деценија. Оваа образовна институција забразди во долг од осум милиони денари. Дел е за изградба на спортската сала, а дел од тужби на наставници кои биле отпуштени. До денес, извршителите по судски решенија од гимназијата побаруваат над 20 илјади евра (1,3 милиони денари).
Зоран Маџоски