Поголема група родители на деца од 4 до 8 одделение кои бојкотираат против онлајн наставата и денес го изразија својот револт, против како што велат, не донесувањето одлука наставата во деветолетката „Св.Кирил и Методиј” во М.Каменица да се одвива со физичко присуство на учениците. Загрижен родител кој од самиот почеток е вклучен во бојкотот информираше дека денес своите барања за настава со физичко присуство повторно ги доставиле до надлежните.
-Имавме средба со градоначалничката, до која ги доставивме нашите барања. Имаме барања кога ќе дојде екипа од Скопје за да провери дали има услови во училиштето, да присуствуваат лица и од Советот на родители. Има информации дека наводно доаѓале одговорни лица од Скопје, но никој не знае, никој не ги видел. Нашите барања се едноставни, немаме ИТ опрема, за што веќе се изјаснивме на 1 октомври годинава. Немаме услови за онлајн настава и затоа бараме наставата да се одвива со физичко присуство, бидејки сметаме дека училиштето има услови за тоа, вели загрижениот родител.
Досега како што додава тој, наспроти тврдењата на одоговрните, мал дел од децата се вклучувале на онлајн платформата. Од самиот почеток на бојкотот на онлајн настава, како што дополни нема промени во однос на нивните барања.
-Досега освен медиумите, никој не дојде да не праша за ситуацијата, а има две третини од родителите кои се изјаснуваат дека немаат услови за онјалн настава. Денес бојкотираат околу 150 родители на деца од 4 до 8 одделение. Најголем дел од нив како што велат немаат услови, просторни можности да следат онлајн настава, немаат доволно греење во сите соби, а паралелно имаат слаба конекција со интернет, додава загрижениот родител.
Директорката на девтолетката „Св.Кирил и Методиј” Марина Василевска Стојановска, рече дека се прават напори да се изјаде решение за овој проблем.
-Како што кажавме и претходно, родителите не ја прифатија одлуката за онлајн настава, дека мора да продолжиме со учење на далечина, а се работи за ситуација која ги затекна сите на ниво на Македонија. Работиме на подобрување на интернетот, условите за набавување на технички средства, кои ќе се обезбедат со помош на општината, рече Василевска Стојановска.
Според директорката казните за ваквото однесување на родителите е последното нешто кое ќе се спроведе како одлука. Поради тоа искрено се надева дека речение за проблемот мора да се најде, а решението според директорката е воспитно-образовниот процес да тече нормално.
Бојкотот како што додадоа родителите, продолжува по празникот 11 Октомври.
Валери Спасевски