Секој втор млад човек во Македонија е без работа. Статистиките покажуваат дека невработеноста кај младите на возраст од 15 до 29 години изнесува 44 %. За разлика од овде, во Швајцарија само 3 проценти од младите до 29 години се невработени.
Швајцарската амбасада во земјава во следните десет години ќе ја менува сликата за младинската невработеност со проект вреден 12,5 милиони евра.
Проектот насловен „Образование за вработување во Македонија“ има за цел да го стимулира вработувањето преку подобрување на стручните вештини и да ги презентира предностите на праксата наместо теоријата – информира швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада.
„Само во првите четири години од проектот очекуваме да бидат вработени 2.250 млади, а следните години тој број да се зголеми“ – додава таа.
Од Стопанската комора причината за невработеноста кај младите ја лоцираат токму во образовниот систем, кој како што велат, наместо квалификувани работници продолжува да продуцира кадри кои не му се потребни на стопанството.
„Фалат образовни профили и практично искуство во средното образование. Честите промени на пазарот на труд бараат потреба од надоградување на знаењата. Не може веќе теорија и факти, туку пракса за развивање на вештини“, смета Биљана Пеева Ѓуриќ од Стопанска комора.
Според познавачите, на македонското образование итно му се потребни реформи, бидејќи работната сила старее, а продуктивноста се намалува, за разлика од трошоците кои растат.