Општината ги повика кумановци преку анкета да учествуваат во планирањето на урбаната мобилност – ММС
ММС

Објавено на: 10/9/20 9:33 AM

Општината ги повика кумановци преку анкета да учествуваат во планирањето на урбаната мобилност

Општина Куманово – Сектор за урбанизам денеска ги повика кумановци да учествуваат во анкета достапна на веб-страницата на општината во рамки на активностите кои ги спроведува за подготовка на план за одржлива урбана мобилност. Во анкетата кумановци можат да кажат дали сакаат дел од градот да биде пешачка зона, колку се задоволни од линискиот превоз, од сообраќајната инфраструктура, дали сакаат повеќе велосипедски патеки и слично.

Оваа анкета е втора во низата чекори со кои локалната самоуправа сака да го слушне мислењето на граѓаните и оттаму наведуваат дека внимателно ќе го преиспитаат секој предлог.

– Заеднички со Вас, локалната самоуправа сака да ја изработи визијата на Планот за одржлива урбана мобилност, чија имплементација ќе биде гарант за поздрав и поквалитетен живот на секој граѓанин на Куманово. Ве молиме, да ја искористите оваа прилика и да го пополните овој анкетен прашалник (што нема да ви одземе повеќе од неколку минути), а ќе дадете мошне значаен придонес кон продолжување на процесот за урбано Куманово, повикаа од општината.

Избран консултант ќе ги разгледува предлозите на граѓаните кои, освен преку анкета, предлози ќе соопштуваат и на работилници и средби. Вакви стратешки документи се обврзувачки во градовите од Европа. Стратешкиот документ треба да понуди алтернативни начини на планирање кој драстично ќе се разликува од традиционалниот начин на планирање на сообраќај и транспорт. Новиот начин на планирање се фокусира на луѓе, места, велосипеди, развивање на сите видови транспорт, не само на автомобилскиот, туку и на јавниот превоз, превоз со велосипеди, тротинети.