Се подготвува одговор на барањето на Судот во Стразбур во врска со апликациите за предмети на СЈО – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/20 12:27 PM

Се подготвува одговор на барањето на Судот во Стразбур во врска со апликациите за предмети на СЈО

Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека пред десеттина дена до Владата стигнало барање од Европскиот суд за човекови права да одговори во врска со апликациите поднесени до Судот поврзани со предметите на поранешното СЈО и оти во овој период државата подготвува стратегија за настап кој, како што рече, ќе биде во одбрана на владеењето на правото и правната држава.

– Ние сме сега во почетна фаза, стигнаа пред десеттина дена апликациите на одговор од Владата. Се уште ги разгледуваме во нашите институции, интензивно работиме и се подготвуваме и не би давал конкретни податоци, што и како ќе се случува. Мислам дека ќе направиме соодветна стратегија која што ќе работи во одбрана на владеењето на правото и правната држава, рече министерот Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денената прес-конференција.

Тој додаде дека Владата останува на својата доследна борба за владеење на правото, но не сакаше да изнесува детали за тоа како државата ќе постапува, со цел, како што рече, да не го загрози целиот процес

– Се уште сме во една рана и почетна фаза на постапката, а Република Северна Македонија е странка во постапката и треба соодветно да се однесува. Не би ги изнесувал детално аргументите, ниту стратегијата на нашата позиција пред судот. Ние сме во една почетна деликатна фаза и секое изјаснување јавно на влади, на кој било владин претставник може да има последици во натамошната постапка, рече министерот за правда.

Затоа, додаде тој, без да ги загрозам интересите на нашата држава во постапката би кажал дека ние работиме на случајот, ги разгледуваме сите апликации бидејќи не се работи за една туку за повеќе апликации одеднаш, ги разгледуваме и ги подготвуваме нашите аргументи и нашата стратегија за доследна борба за владеење на правото.

Тој најгласи дека во оваа фаза на државата и се остава можност од неколку недели за евентуално спогодување и доколку тоа не с е случи, натаму останува можноста за одговор, а тужбеното барање и почнува постапката.

Повеќемина поранешни функционери во Стразбур побараа да паднат судските предмети во кои се или допрва ќе бидат осудени, повикувајќи се на аболицијата на експретседателот Ѓорге Иванов во 2016 година.