Градежниците подготвени да инвестираат милијарда евра, Бочварски вети забрзување на постапките за проектите – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/20 11:02 AM

Градежниците подготвени да инвестираат милијарда евра, Бочварски вети забрзување на постапките за проектите

Градежните компании се подготвени да инвестираат милијарда евра во наредните три години, но од властите, централната и локална, бараат тоа да им се овозможи, да се донесат новите урбанистички планови кои се во изработка и да се тргнат мораториумите за градење.

Претседателот на Градежната комора Ивица Јаќимовски, по денешната средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, рече дека проектите за инвестирање на компаниите се подготвени. Бизнисот сака да помогне во овие услови на криза што ги наметна Ковид, сака да поттикне раздвижување на економијата преку реалзирање на планираните активности

– Подготвени сме да финансираме во време на криза и како компании преземаме чекор. Нудиме во наредните три години да инвестираме една милијарда евра во секторот градежништво. Преземаме обврска да инвестираме во проекти кои веќе постојат и ги имаме како компании, но бараме од страна на власта, централната и локалната, да преземе конкретни мерки за да можеме да ги реализираме  проектите, истакна Јаќимовски.

Според Бочвраски, државата е подготвена за забрзување на сите постапки за да може да се реализираат инвестиците на градежниците.

– Сите закони што се спорни и сите подзаконски акти каде треба да има промени отворени сме да ги разговараме со коморите со цел да се забрзаат постапките. Влегуваме во акција заедно градежната комора и сите стопански субјекти што се подготвени да инвестираат,  а од наша страна ќе ги преземем сите чекори за олеснување и за што побрзо стартување со инвестици, изјави Бочварски.

Имаме, потенцираше тој, разработено концепт за стратешки инвестиции.

– Сега е момент да ја подигнеме реализацијата на капиталните инвестиции. Тие имаат влијание во време на ковид. Сега е време за акција и работа, а не за политики. Ги правиме законски промени за да ја олесниме постапката за  продлжување на изградбата на автопатоите, водоводите и други проекти, рече Бочварски.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот рече дека се реализирани 55 проценти од автопатот Кичево-Охрид според проектите по препроектирањето, што, пак, ќе повлече одложување на рокот за изградба што беше планиран за следната година.

 

МИА