Забрана за грчките неонацисти- победа за демократијата и правдата – ММС
ММС

Објавено на: 10/8/20 7:34 AM

Забрана за грчките неонацисти- победа за демократијата и правдата

Суд во Атина денеска пресуди дека деснорадикалната партија Златна Зора функционира како криминална организација. Пресудата има големо значење за демократијата, но и за семејствата на жртвите на партијата.

Судот пресуди дека седум од 18 обвинети поранешни пратеници на Златна Зора, вклучително и партискиот лидер Никос Михалолиакос се виновни за раководење со криминална организација. Останатите беа осудени за учество во криминална организација. Севкупно, на обвинителната клупа се најдоа 68 обвинети за четири различни кривични дела.
Формирана како неонацистичка групација во 1980-те години, Златна Зора нарасна до трета по големина партија во Грција благодарение на финансиската криза.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека пресудата „му става крај на трауматичен период“ во јавниот живот на земјата.

„Ова е навистина историски ден за Грција, за демократијата и владеењето на правото“, твитна Мицотакис.
„Откако грчкиот народ ја истера неонацистичката Златна Зора од парламентот на последните избори, денес грчкиот правосуден систем го осуди нејзиното раководство за функционирање како криминална организација“.

По веста за пресудата, околу 20 илјади луѓе-учесници на антифашистички протест- започнаа славје пред судот. Дел од нив фрлаа молотови коктели и камења врз полицијата која возврати со солзавец и водени топови.

Маратонското судење опфаќаше четири случаи слеани во еден: убиството на грчкиот рапер Павлос Фисас во 2013, физички напад врз египетски рибари во 2012 и врз левичарски активисти во 2013, и последното обвинување дека Златна Зора функционира како криминална организација. Вкупно 16 луѓе беа осудени за убиството на Фисас меѓу нив, и директниот извршител на делото.

Излегувајќи од судницата, мајката на Фисос Магда, која ги следеше речиси сите рочишта во последните 5 години, ги подигна рацете и извика: „Павлос успеа. Мојот син!“ За виновни беа прогласени и деветмина напаѓачи врз египетските рибари и левичарските активисти.

Од вкупно 43 обвинети за учество во криминална организација, 15 беа ослободени, а останатите прогласени за виновни.

„Пресудата покажува дека тие биле само банда насилници кои добивале наредби од горе“, изјави адвокатот на рибарите Танасис Камбајанисис.

Пресудите се очекуваат во следните денови но, според проценките, оние кои се осудени за раководење со криминална организација ќе добијат до 15 години затвор, нивните соучесници до 10, а убијците- доживотен затвор.

Пред судот денеска дојдоа и политичари од целиот политички спектрум, од владејачката Неа Демократија до Комунистичката партија, како и од опозициската Сириза. Пресудата ја поздравија и бројни светски организации за човекови права.