„Југохром“ нема да почне со работа додека не бидат ставени филтрите – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/18 2:14 PM

„Југохром“ нема да почне со работа додека не бидат ставени филтрите

Фабриката „Југохром“ во Тетово нема да биде пуштена додека не се постават филтрите за отпрашување – потврдија денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Премиерот Заев на собраниската седница посветена на пратенички прашања рече дека фабриката ќе стартува со работа штом бидат поставени филтрите:

„Не е прашање на дилема дали ќе биде пуштена фабриката пред филтрите. Тоа го знаат и газдите и вработените. Загадувањето е најголемо за нив оти живеат во овој регион“. Тој додаде дека работењето на Југохром е важно за македонската економија и оти учеството во БДП е 0,7 проценти.

Вицепремиерот, Анѓушев истакна дека во интерес на вработените во компанијата и на регионот е металуршкиот комбинат да започне со работа, но дека тоа мора да се одвива согласно позитивните законски прописи за заштита на здравјето на граѓаните и заштита на животната средина.

Тој појасни дека во преговорите со сопственикот на металуршкиот комбинат и синдикатот на Југохром Алшар потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Владата, раководството и синдикатот на компанијата, со кој се утврдени меѓусебни права и обврски и дефинирано е дека Југохром ќе се рестартира во оној момент кога ќе добие А-интегрирана еколошка дозвола за работа.

– Владата покажа добра волја и подготвеност да се помогне на компанијата во процесот на изградба на системот за отпрашување, односно да асистира во процесот на подигнување на заем на Југохром од Македонската банка за поддршка на развојот, процес во кој сепак и самото раководство на компанијата треба да покаже подготвеност, да вложи дополнителни милион евра, за да се реши целата ситуација. Доколку таксативно се направат сите услови и околности според коишто треба да проработи Југохром, но тие да не се на штета на граѓаните, Југохром ќе работи и ќе придонесува за регионот и за економијата, а ние како држава и како влада ќе му помогнеме да ја исполни обврска и да постави филтер – рече Анѓушев.

Истакна дека економијата е важна и оти полошкиот регион е со понизок степен на вработеност, но здравјето на граѓаните нема цена и тоа е најважно, а после тоа доаѓа економијата.

„ Очекувам Југохром да биде во функција до крајот на годината, но со сите соодветни промени и исполнување на сите еколошки стандарди. Затоа, нема потреба од загриженост за граѓаните или на еколошките здруженија“.

Во однос на тоа дека имало закани и уцени врз здружението „Еко герила“, Заев со став дека не гледа основа за такво нешто но доколку има, ги повика случајот да го пријават во МВР:

„Не гледам основ зошто некој некого би го уценувал, но доколку има потреба од состанок, веднаш ќе ги примам. Доколку има закани веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи“.