Се очекува глобалната економија да претрпи намалување од 4,4 отсто поради кризата предизвикана од пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), известува агенцијата Анадолија (АА).
Германскиот Институт за економски истражувања (Ifo) и Европската мрежа за истражување на економската и финансиската политика (EconPol) ги објавија резултатите од анкетата на тема „Светска економија: Поглед на патот кон закрепнување од кризата од Ковид-19“, спроведена во 110 земји со учество на 950 економски експерти.
Според оваа анкета, оваа година економистите предвидуваат намалување на глобалната економија од 4,4% поради кризата предизвикана од Ковид-19.
Според нив, закрепнувањето на глобалната економија ќе трае многу побавно од падот и во голем број земји враќањето на економиите на нивото пред кризата со Ковид-19 ќе трае до 2022 година.
Економистите што учествуваа во анкетите имаа различни предвидувања околу периодот на закрепнувањето на економиите, при што нешто повеќе од една третина од нив (36,4%) сметаат дека бруто-домашниот производ (БДП) во 2022 година ќе се врати на нивото пред кризата. Од експертите, 19,4% предвидуваат дека целосното закрепнување нема да започне пред 2023 година.
Додека економските експерти посочуваат дека поддршката за ликвидноста на малите и средните претпријатија (МСП) и подобрувањата во здравствените системи се едни од најефикасните превентивни економски мерки, економистите од земјите во кои се спроведуваат куси програми за работа, тоа го гледаат како соодветна алатка за поддршка на економијата.