Почна судењето за убиството на струмичанецот чие тело беше пронајдено во браната „Турија” – ММС
ММС

Објавено на: 10/7/20 4:31 PM

Почна судењето за убиството на струмичанецот чие тело беше пронајдено во браната „Турија”

Со воведни зборови на обвинителството и одбраната и сведочење на првите петмина сведоци денес во Основниот суд во Струмица почна судењето за убиството на струмичанецот Александар Мицев, чие тело беше пронајдено во водите на браната „Турија”. Обвинителството за убиството го товари педесет и пет годишниот Марјанчо Велев од струмичкото село Добрејци.

Според обвинението, тој се товари за убиство извршено на 9 октомври 2018 година при што од зад грб пукал со огнено оружје калибар 5,6 милимитери со два куршими во главата на Мицев, а неговото тело беше пронајдено на 5 август лани.

-Обвинетиот на 9 октомври 2018 година, откако со убиениот склучил договор за купопродажба на недвижен имот, заминале во село Добрејци за наводна исплата на парите во готово, по што искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата која оштетениот ја имал во него, со два куршуми во главата го лишил од живот оштетениот Александар. Главата му ја завиткал во перница и стреч фолија, го ставил во метален резервоар и го фрлил на дното на езерото „Турија”, рече застапникот на обвинението, обвинителката Виолета Милчевска.

Обвинететиот Велев пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен и не го сторил делото за кое е обвинет.

Бранителот на Велев, адвокатот Зоран Молчанов, рече дека никој нема дилеми дека тој што го убил Мицев не треба да одговара, а обвинетиот пред овој суд токму со доказите од обвинителството ќе се докаже дека тој не го извршил убиството, ниту имал причини и мотив тоа да го направи, ниту пак на начин  опишан во обвинението. Тој сам не можел да изврши такво дело.

Пред судот сведочеа роднини на убиениот Мицев и вработени во погонот за мебел на обвинетиот Велев. Блиските на убиениот сведочеа дека Марјанчо секој ден доаѓал да праша дали има нешто ново околу исчезнувањето на Мицев, бидејќи купил од него деловен објект во вредност од 18.200 евра и дека може да има проблеми околу префрлувањето на сопственоста.

Во февруари годинава Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор од траење од 20 години на Марјанчо Велев за убиство извршено врз струмичанецот Ристо Иљашев на 7 мај 2019 година. Телото на убиениот беше пронајдено во браната „Турија” на 20 јуни лани затворено во метално буре.

Судењето продолжува задутре.

MIA