Потпишана повелба за збратимување на Крива Паланка и Бор – ММС
ММС

Објавено на: 10/7/20 3:35 PM

Потпишана повелба за збратимување на Крива Паланка и Бор

Во големата сала на Општина Крива Паланка денеска се одржа свечена седница по повод 8 Октомври, денот на ослободување на општината, на која беше потпишана повелба за збратимување на општината со Општина Бор, Србија.

Повелбата ја потпишаа градоначалникот на Општина Бор,  Александар Миликиќ и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

-Пријателите се тука кога Ви е најтешко, а нам ни е чест што сте тука во услови на пандемија. Славиме 76-годишнина од ослободувањето на општината, година во која ни се случија убави моменти, но сепак ќе ја паметиме по пандемијата,за што упатувам благодарност до сите здравствени работници, до волонтерите на Црвениот крст и на сите компании и поединци кои со донации помогнаа да се справиме со Ковид-19. Во оваа пригода оддаваме почит и до сите борци кои се втемелија во историјата на Крива Паланка и државата и се изборија за денешната слобода, изјави Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.

Тој истакна дека со вложување во инфраструктурата, во коридор 8, експресниот пат, патот од село Узем кон Тораница и од спротивната страна од Македонска Каменица кон Тораница, изградбата на патот кон Голеш и Голема Црцорија, и останатите проекти се докажува дека како општина можат и повеќе и подобро.

-Но тука се и инвестициите во спортската инфраструктура, во социјалната заштита, останати области, но се вложува и во локални улици, патни правци, вршиме рехабилитација на градскиот парк и плоштад, замена на водомери со дигитални,се градат тротоари. Вложување во заштитата на животната средина тргнува од скорото затворање на депонијата, набавката на нови возила за ЈП Комуналец, ќе се прогласи Осогово за заштитено подрачје од петта категорија, со што ќе се промовираат нашите културни знаменитости и богата природа и локалитети, а се промовираат и со веб-страницата на Фондацијата” Со срце за Крива Паланка” www.visitkrivapalanka.com на која се интегрирани сите места за посета во општината, изјави Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.

Мицевски го истакна и вложувањето во детската заштита, реновирање на детската градинка Детелинка, вложувањето во реновирање на образовните објекти, во внатрешноста и на фасадите и училишните дворови.

– Вложувањето и во спортската инфраструктура е наша гордост. Ќе продолжиме и со доизградба на пешачка патека до манастирот, се работи на проект и за изградба на патека на Станечки водопади, ќе се аплицира проект од прекугранична соработка и за доизградба на пешачка патека стара вада, висока зона лев брег. Горди сме на женскиот кошаркарски клуб Крива Паланка кој за првпат сезонава ќе настапи во Интернационалната адриатик лига, а првпат годинава на наша гордост ни треба сите вие да се гордеете, го имаме кривопаланчанецот Андреј Јакимовски,кој настапува во кошаркарските колеџ лиги на Вашингтон Стејт универзитетот, додаде Мицевски.

Истакна благодарност до колегата од Бор, што токму на денот на празнување на претстојниот празник, 76 години слободна Крива Паланка, потпишуваат повелба за збратимување со единаесеттата збратимена општина, Бор.

-Браќа и сестри, сограѓани, од денес, чест ми е што со потпишувањето на спогодбата само ставивме печат на она што ќе се развива во иднина. И во двата града живеат и работат вредни, одговорни и грижливи луѓе, а и двата града се рударски градови. Границата е само линија на карта, а луѓето кои се сакаат и почитуваат, можат заеднички да соработуваат и живеат. Две години не сум бил овде,но она што го гледам е дека градот се променил и развива, многу се планира и се она што се прави, сигурен сум ќе се надградува и ќе има просперитет на општината за следните години, а ние ќе соработуваме на повеќе полиња, рече Миликиќ.

Во Бор живеат околу 7.000 луѓе од вкупно 40.000 жители по потекло од Пчињскиот и Кривопаланечкиот крај