Започна постапката за избор на в.д градоначалник на општина Штип. Советот треба да го реализира изборот по истата постапка како што се избира претседател на Советот.
„ Седницата е закажана за 14 октомври. Се очекува Советот да избере в.д. градоначалник кој што ќе ги има сите ингеренции како и градоначалникот, како што сега ги има и заменикот на градоначалник“, информираше денеска актуелниот заменик градоначалник, Јане Миланов.
Миланов потврди дека тој ќе биде еден од кандидатите за в.д. градоначалник и засега не му е познато кој друг ќе биде кандидат.
Функцијата в.д градоначалник е професионална , но не и функцијата на заменик градоначалник.
„Заменик градоначалник во принцип ги користи правата од работниот однос во претпријатието во кое е вработен а в.д. градоначалникот , ќе ги има истите права од работен однос како што ги има и градоначалникот“, вели Миланов.
Миланов потенцира дека во периодот што претстои , доколку биде избран за в.д. градоначалник неговата задача ќе биде да ги заокружи сите започнати проекти, меѓутоа ќе се води и сметка оние секојдневни активности кои што значат квалитетно живеење, да течат непречено.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски најави дека според Државната изборна комисија локалните избори за нов градоначалник на Штип би требало да се одржат на 13 декември – првиот круг и на вториот круг на 27 декември
Предвремени избори во Штип се одржуваат поради тоа што Благој Бочварски, градоначалничкото столче го замени со министерско во транспорт и врски.