(ФОТО) Автопатот Миладиновци – Штип небезбеден за возачите по обилни врнежи, надлежните велат тоа е „виша сила“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/7/20 6:47 PM

(ФОТО) Автопатот Миладиновци – Штип небезбеден за возачите по обилни врнежи, надлежните велат тоа е „виша сила“

„Скината жица, недовршени банкини, работа на патот, видливи вдлабнатини, прегазени животни, излеани канали и песоклива земја на патот“, ваква беше сликата на само пет дена од пуштањето во употреба на ганц новиот автопат Миладиновци – Штип, кога екипата на Македонскиот медиа сервис ги поминуваше првите километри на овој патен правец.

Година ипол подоцна, состојбата е иста, па може да кажеме и полоша. Новото е бројката од дури 47 регистрирани сообраќајќи, што се случила од лани во мај до сега. Автопатот официјално се’ уште е во фаза на „времена употреба“.  Недостатоците на патот не се санинирани, па дури и некои опасни за возачите во случај кога и онака има отежнати услови од временските неприлики, како што се обилни дождови.

Одводните канали предвидени за такави обилни врнежи и одливање на водата од патот, преполни со ѓубре за да ја завршат својата работа. Како резултат на тоа се создава песокливата земја на патот од одроните кои не се заштитени со заштитна мрежа, и се создава густа маса која е лесно леплива на гумите од автомобилите. Ваквата состојба може да биде и сериозна закана за возачите бидејќи ваквите гуми лесно може да предизвикаат лизгање на патот.

Последицата од песокливата земја која дури наликува и на глина може да предизвика и сообраќајна незгода, при која возилото буквално како да се лизга на мраз. А последиците од ваквата состојба изгледаат вака.

 

Но и по година ипол од новиот автопат, надлежните не ги санираат овие видливи недостатоци, а одговорност за истиот проблем нема ниту од институциите.

Одрони на патот кои ај што не се отстранети од коловозната летна, туку местото не е ни заштитено со заштитна мрежа во случај на ерозија.

 

Банкините на одредени делови веќе уништени, и расфрлани делови од коли како последица на сообраќајни несреќи.

Истата слика се повторува. Животно на патот, жртва на несовесен возач или жртва само затоа што залутало поради недоволно безбеден пат.

На неколку делови од автопатот дежаву, излеани одводни канали, песоклива земја, погодна за лизгање на возилото.

Еве како би требало да изгледа еден автопат кој ќе обезбеди сигурно и безбедно патување за возачите. Заштитна безбедна мрежа е поставена на новиот пат Штип – Кочани каде разликата е очигледна.

Во потрага по одговори кои би биле од корист за возачите и која институција ја има надлежноста, за да се промени ваквата слика, првата пречка беше „ненадлежноста“ и „оградувањето“.

Прва дестинација Јавно Претпријатие за државни патишта.

Од таму на нашите прашања ни одговорија во пишан формат, дека автопатската делница Миладиновци – Свети Николе – Штип е изградена согласно важечките позитивни законски прописи и дека е целосно безбеден за сообраќај, но е привремено пуштен во употреба.

„Како што и вие наведувате во вашиот допис автопатот е привремено пуштен во употреба согласно со Извештајот за привремена употреба на градбата доставен од страна на Надзорниот инженер, а врз основа на член 87-а од Законот за градење“, велат од ЈП државни патишта.

За ситуацијата која е затекната на терен, односно одливите на вода и нефункционалноста на одводните канали, одроните на патот од оваа институција велат дека е„виша сила“.

„Во однос на делот кога се случуваат поројни дождови е ситуација која може и да ја наречеме „виша сила” кога не можеме да ја спречиме природата во нејзините природни појави, но токму заради тоа ЈПДП изврши пошумување на 30 хектари при што се засадени околу 600 илјади садници на косините на автопатот  Миладиновци-Свети Николе–Штип, што, пак, дополнително ќе придонесе за нивна стабилизација и заштита од ерозија. Најголемиот дел од нив се веќе никнати и затоа е бујната вегетација, која ќе биде заштитник и дополнителна безбедност во сообраќајот“, велат од ЈП државни патишта и дополнуваат дека државните патишта се одржуваат согласно со Годишната програма за одржување и во овој случај ќе извршат вонредно чистење и дополнително обезбедување на патот.

Дека безбедноста на овој патен правец е под знак прашалник, поради многу причини сведоци сме на вакви наслови „Сообраќајка со куче создаде километарска колона на патот Штип – Миладиновци“, сосема би било поинаку доколку се обезбеди доволно добро за да животните не бидат жртви во сообраќајот и причина за човечки живот.

„Затворен за сообраќај автопатот кон Штип кај наплатна рампа Миладиновци“, а причината за ваков наслов е вршење увид на сообраќајна незгода.

Во потрага по црната статистика на овој патен правец наидовме на пречка.  Од полициската станица во Свети Николе, на прашњето колку сообраќајни незгоди се случиле на патниот правец Миладинови – Штип откако е пуштен во употреба, ни кажаа дека тие немаат такви информации и не препратија во СВР Штип.

Од таму, потпаролката на СВР Штип Гордана Панајотова во консултација со Министерството за внатрешни работи информираше дека во црната статистика за година ипол постоечки автoпат се случиле 47 сообраќајни несреќи во кои три лица го загубиле животот.

„На автопатот А4, клучка Миладиновци, клучка Три чешми – Штип,во периодот 5 јули 2019 до 31 август 2020 година вкупно се случиле 47 сообраќајни незоди од кои во три сообраќајки три лица го загубиле животот. Како најчести причини за сообраќајните незгоди е брзото возење“, вели Панајотова.

Бидејќи ова е автопат кој поврзува три градови, Скопје, Свети Николе и Штип надлежност за одржување и казнување на несовесни возачи имаат три полициски единици.

Безбедност на патниот сообраќај – Републичка полиција во село Петровец, Скопје, полициското одделение за безбедност во патниот сообраќај Свети Николе и секторот за внатрешни работи Штип. Ингеренциите на истите се поделени.

„Заради оставрување на поволната безбедна состојба на патниот сообраќај, редовна контрола и регулирање на сообраќајот на автопатот А4, на делницата од клучка Миладиновци до клучка Преод и обратно контрола врши мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата. Додека од клучка Преод до клучка Три чешми – Штип контрола вршат организационите единици при секторот за внатрешни работи Штип, односно полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Штип и полициското одделение за безбедност во патниот сообраќај Свети Николе секоја на своето подрачје“, информира Панајотова.

Од републичката полиција во Петровец, чија задача е да се грижат за безбедноста на патниот сообраќај дрско не искараа дека тие не смеат да даваат информации за сообраќајна статистика, и не препратија одговорот да го бараме во МВР.

Вака добиените одговори на дел од институциите, не ни го дадоа одговорот на прашањето „Кој е надлежен за моменталната состојба и одржување на автопатот Миладиновци – Штип?“.

Ова е единствениот патен правец каде се уште не се наплаќа за користење на истиот. Патарините беа во најава, но се уште стојат како план. Од ЈП државни патишта информираат дека тендерската постапка е се уште во тек.

„Во моментов е во тек Фаза 2 од постапката, каде што квалификуваните понудувачи треба да достават финансиски понуди. Рокот за доставување на понудите е до 14.10.2020 година. Планиран датум за потпишување на договор со најповолен понудувач е 1.11.2020 година, со што потоа ќе отпочнат градежните работи. Временскиот рок на изградба на двете наплатни станици на автопатската делница Миладиновци-Штип е 6 месеци по потпишување на договорот“, велат од ЈП државни патишта.

Дали кога ќе се наплаќа за користење на овој патен првец, учесниците во сообраќајот ќе бидат побезбедни? Дали тогаш надлежните за одржување на патот ќе имаат и финансии ќе работат за она што се надлежни?

Одговорите на овие прашања ќе ги чекаме, додека на овој патен правец ќе броиме сообраќајни несреќи предизвикани од „виша сила“.

Габриела Додевска