Гинеколог од Холандија им вбризгувал своја сперма на пациентки без нивно знаење и станал татко на најмалку 17 деца, соопштија денес од болницата Исала во холандскиот град Цволе. Однесувањето на лекарот е морално неприфатливо, нагласија од институцијата.
Во меѓувреме, неименуваниот гинеколог починал. Во таа болница, помеѓу 1981 и 1993 година, тој бил специјалист за вештачко оплодување со донирана сперма. Случајот е откриен кога дел од децата зачнати таму, а сега возрасни луѓе, тргнале да откријат кој е нивниот биолошки татко и кога ДНК примероците биле споредени со ДНК на едно од вистинските деца на лекарот.
Постои веројатност сега покојниот лекар да е татко на уште повеќе деца, соопштиле од болницата.
Сличен случај ја шокира Холандија пред неколку години кога е откриен случајот на специјалистот Јан Карбаат, кој оплодил многу пациентки со својата сперма и е татко на најмалку 49 деца.