Кој, како и каде заврши на последниот ден од летниот трансфер период? – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/20 11:26 AM

Кој, како и каде заврши на последниот ден од летниот трансфер период?

Пандемијата на коронавирусот ги помести од колосек работите во светот на фудбалот. Домашните првенства беа прекинати на неколку месеци, големите натпреварување на клупско и репрезентативно ниво одложени за следната година, трансфер рокот продолжен до петти октомври.

Иако пандемијата сериозно удри по „џебот“ на сите фудбалски клубови на мапата, без исклучок, генерално летниот трансфер преоден рок не беше тивок, мирен, неинтересен и невозбудлив. Напротив. А последниот ден од овој рок ни го покажува токму тоа.

Најактивни како по обичајот во последните десеттина години беа Англичаните. Впечатокот е дека во изминатите 24 часа англиските клубови дознаа дека всушност имаат можност да купуваат и продаваат фудбалери.

Централниот дефанзивец на ланскиот премиерлигаш Норич, Бен Годфри, ги напушти „канаринците“ и се пресели во Ливерпул во екипата на Евертон. Карло Анчелоти се обидуваше преку целото лето да доведе играч на стоперската позиција и да го засили дополнително тимот кој е на чело во Премиер Лигата после четири одиграни кола. „Карамелите“ лицитираа со Курт Зума, Фикајо Томори, Џон Стоунс, но на крајот се задоволија со младиот Англичанец. Евертон на Норич му исплати 25 милиони фунти.

Последниот ден во Тотенхем не помина незабележано, бидејќи младиот и талентиран Рајан Сесењон, како позајмен играч се пресели во Германија во екипата на Хофенхајм.

Германија беше дестинацијата и на францускиот интернационалец и „отпадник“ во Арсенал, Матео Гуендузи. Тој како позајмен играч една сезона ќе го носи дресот на Херта Берлин.

Екипата од северен Лондон освен што продаваше, доведе и едно звучно име. Томас Парти за 50 милиони евра стана нов фудбалер на Арсенал, откако челниците на „топџиите“ ја активираат клаузулата во договорот на фудбалерот од Гана и сумата за неговите услуги ја доставија директно до Шпанската фудбалска федерација. Атлетико Мадрид јавно реагираше и го осуди овој однос и потегот го окарактеризираше како крајно некоректен и нефер.

Во спротивен правец, Лукас Тореира како позајмен играч ќе го заменува Томас Парти во Атлетико Мадрид. Мадриѓаните би можеле да го откупат неговиот договор следната сеозна доколку се задоволни од неговите игри.

Сагата за Џејдон Санчо која траеше, ако ги прашате навивачите на Манчестер Јунајтед, подолго од индиска серија, само со несреќен епилог, го натера раководството на Јунајтед да делува забрзано во последниот ден од трансфер рокот и да се вклучи во „Фудбал Менаџер“ расположение. „Црвените ѓаволи“  вчера се засилија со дури тројца фудбалери. Левиот бек на Порто, Алекс Телеш, за 15 милиони фунти направи трансфер на „Олд Трафорд“ и ќе му претставува силна конкуренција на Лук Шо на левата, по малку и критична позиција во тимот на Оле Гунар Солскјер. Второто неочекувано засилување за Јунајтед е младиот фудбалер на Аталанта, Амад Траоре. Манчестер за 18 годишното крило од Брегот на Слоновата Коска ќе му исплати на ланскиот четвртфиналист во ЛШ, 37.2 милиони фунти. Дополнително, Траоре нема веднаш да му се стави на располагање на норвешкиот стратег.

Најзвучната аквизиција за Јунајтед во целиот трансфер период е дефинитивно уругвајскиот репрезентативец и довчерашен играч на ПСЖ, Единсон Кавани. Кавани како слободен фудбалер пристигнува во Манчестер, а дебито во црвениот дрес се очекува да му биде против ПСЖ во првото коло од групната фаза во ЛШ. Последното засилување за Јунајтед исто така доаѓа од Уругвај. Младото крило на Пенарол, Факундо Пелистри за 9 милиони фунти доаѓа во црвениот дел од Манчестер.

По 14 години, Тео Волкот од Евертон се врати во матичниот клуб Саутемптон како позајмен играч. Фулам, кој не знае за победа во четири меча, ја засили одбраната со двајца дефанзивци. Јоаким Андерсен од Лион дојде на позајмица на „Кревин Котиџ“, заедно со Тосин Адарабиојо од Манчестер Сити. Фулам ќе биде зајакнат и во средниот ред, откако фудбалерот на Челзи, Рубен Лофтус-Чик, на позајмица ќе ја помине сезоната кај Скот Паркер.

Некогашниот играч на Спортинг Лисабон, Рафиња, од Рен за 17 милиони фунти потпиша за Лидс. По слабите партии на англискиот чувар број еден на мрежата, Евертон реши малку да внесе компетитивност со позајмувањето на голманот на Рома, Робин Олсен.

Крис Смолинг од Манчестер Јунајтед и Тиму Бакајоко од Челзи, се враќаат односно остануваат во Италија. Дефанзивецот во екипата на Рома, а Французинот на југот на Италија во екипата на Наполи.

Во Ла Лига, атмосферата значително поразлична од онаа во Премиер. Синот на тренерот на Реал Мадрид, Лука Зидан, од истоимениот клуб на позајмица замина во Рајо Ваљекано. Осама Идриси од АЗ Алкмар за 10.5 милиони фунти потпиша за освојувачот на Европа Лига, Севиља. Перуанецот Гуидо Кариљо од Саутемтон како слободен играч ќе настапува за Елче. Севиља доведе во своите редови уште еден фудбалер. Се работи за Карим Рекик од Херта Берлин, за кого тимот од Андалузија нема да плати оштета на Херта.

Сандро Рамирез од Евертон се пресели кај новајлиите Хуеска, а Лукас Тореира и Хуан Фојт од Арсенал односно Тотенхем, ќе го носат дресот на Атлетико Мадрид и Виљареал.

Од поистакнатите трансфери во италијанската Сериа А, го издвојуваме трансферот на Федерико Киеза од Фиорентина во Јувентус. Еден од најбараните италијански фудбалери ќе се спои со Андреа Пирло и ќе атакува на Скудето во сезоната 2020/21.

Матео Дармијан во Интер како позајмен играч од Манчестер Јунајтед. Удинезе ангажираше двајца фудбалери од Англија, Џерард Делофеу и Игнасио Пусето. Двајцата доаѓаат како позајмени играчи од „братскиот“ Вотфорд.

Средината ја промени и Диего Пероти, кој Рим го замени за Истанбул и како слободен фудбалер ќе настапува за Фенербахче. Крис Смолинг остана уште една сезона во Рома, додека пак Никола Калиниќ од Рома потпиша во Киево.

Во Бундесот, Баерн Минген беше најактивен во последниот ден. Даглас Коста, Ерик Максим-Чупо Мотинг и Буна Сар потпишаа за европскиот шампион. Џастин Клајверт од Рома пристигна во Лајпциг.

Французите мируваа, освен трансферот на Данило Переира од Порто во ПСЖ како позајмен фудбалер  и поранешниот фудбалер на Барселона и Интер, Рафиња Алкантара, во ланскиот финалист во Лигата на Шампионите, Софијан Буфал од Саутемптон потпиша за Анже и Матија Де Шиљо од Јувентус во Олимпик Лион.

Пресврти, чудни и помалку чудни трансфери, возбудливи новости, новинари пред стадиони. Апсолутно ништо не му недостасуваше на навивачката фудбалска јавност на петти октомври, 2020 година.

Добро, освен Хери Реднап и неговата „редовна патрола“ со автомобилот во потрага по Нико Крањчар.

 

 

Давор Јосифоски