Ќе добие ли Дојран конечно автобуски превоз? – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/20 10:16 AM

Ќе добие ли Дојран конечно автобуски превоз?

Решавање на проблемот со немањето јавен градски превоз до околните градови преку меѓуградска соработка на соседните општини нудат локалните власти од општина Дојран, а за таа цел веќе е усвоена одлука на општинскиот совет.

Според градоначалникот Анго Ангов, ова би било разврска на долгогодишниот проблем со отсеченоста на Дојран од другите градови, а за почеток побарана е ваква соработка со соседните Богданци и Гевгелија.

– Со носење на одлука на советот се покрена иницијатива за организирање превоз од Дојран до Гевгелија преку Богданци, така што се чека одлуката од Советот на општина Богданци, а сето ова ќе помогне за воспоставување на возен ред кој нема да зависи од Министерството за транспорт и врски туку целата постапка ќе се води меѓу општините – објаснува Ангов.

Дојранци веќе извесно време реагираат и бараат решение на проблемот кој настана откако се затвори Еуростандард банката и поштите ги прекинаа уплатите на сметки.

Градоначалникот Ангов вели дека и овој проблем е земен разгледуван, но засега останува без конкретно решение.

– Се разговара со банките, но тие се приватни институции и одлуката ја носат врз основа на нивниот профит. Сепак се разговара и има напредок во разговорите – додава Ангов.

Дојран иако важи за туристичко место со години наназад е можеби едно од најслабо поврзаните места со било каков превоз, се под изговорот дека поради помалиот број на жители ниеден превозник не се нафаќа да органзира редовна линија, додека државата пак не се нафаќа да субвенционира.

Роза Шулева