Општините и градоначалниците да подготват квалитетни проекти и да аплицираат на огласот за рурален развој – апелираат министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.
Денеска на прес конференција тие соопштија дека огласот веќе е објавен и ќе трае до 31 август. Трите мерки кои се содржани во огласот се подобрување на условите за живот, обнова и развој на селата, како и зачувување и унапредување на традиционалните вредности.
„По 20 милиони денари за секој проект се проектирани за првата и втората мерка и по 15 милиони денари за секој проект за третата. Мерката подобрување на условите за живот подразбира реконструкција и изградба на регионални и локални патишта, водоводни и канализациски системи, добиточни пазари, обнова и развој на селата се однесува на реконструкција и изградба на селски улици, плоштади, додека зачувување на традиционалните вредности значи инфраструктурно поврзување, озеленување на површините, креирање урбанистички планови“, потенцираше директорот, Бабовски.
За средствата од трите мерки, освен општините, може да аплицираат и центрите за развој на планските региони, а за третата мерка и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и ЈП „Македонски шуми“.
„Очекувам квалитетни проекти особено за капитални инвестиции. Затоа и огласот е пролонгиран, и наместо еден ќе трае два месеца“, додаде министерот Николовски.