Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Северна Македонија. Потребна е фундаментална промена на парадигмата во историското размислување. Ова се вели во заедничкото писмо потпишано од триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности, упатено вчера до јавноста, против меморандумот што Бугарија го испрати до земјите членки на Европската Унија во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ.
Во писмото „Европа не нè разбира”, што го пренесе „mediapool.bg”, потписниците сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.
– Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија, велат во писмото. Потсетуваат дека неодамна копретседавачот на Заедничката бугарско-македонска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров изјави дека бугарскиот меморандум ги одразува достигнувањата на „бугарската историска наука”, а пред неколку дена, пак, членот на споменатата комисија Иван Илчев се пожали во бугарските медиуми дека „Европа не нè разбира”.
Поддржувачите на позицијата против меморандумот не се согласуваат Северна Македонија да се претставува како земја што не „се справува со сопственото минато”.
– Не сметаме дека единствениот историографски проблем е „идеолошкото наследство” од „комунистичка Југославија”. Друг проблем е доминацијатата на наджиевеаното, романтично и митолошко историографско размислување во самата Бугарија. Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг”. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда”, наведуваат потписниците на писмото.
Тие сметаат и дека наводите во меморандумот за идентитетот на „преовладувачкото мнозинство на словенското население во Македонија” се историски наивни и не одговараат на достигнувањата на модерната историографија, социјалната и хуманитарна наука. Според нив, тие наводи се предмет на застарено разбирање на „националната историја” што е несоодветно во однос на критичката историска наука денес.
– Свесни сме дека сите стандардизирани јазици се во извесна смисла вештачки колку што литературната норма секогаш интервенира во говорните дијалекти и одредува кои елементи од нив се „точни” и кои „неточни”. За нас, тврдењата за датумот на раѓање на една нација и јазик се научно непоткрепени и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто. Иако го прифаќаме концептот на „заедничка историја”, ние се спротивставуваме на неговите елементарни толкувања, како и на неговата употреба за наметнување единствен наратив – во овој случај, официјалната приказна за минатото во Бугарија, подвлекуваат потпишаните бугарски интелектуалци.
Истакнуваат дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо. Сметаат дека концептите како што се „споделена историја” и „испреплетена историја” би можеле да го збогатат меѓусебното разбирање за минатото.
„Во меморандумот особено е смешен бројот на жртвите од југословенската комунистички режим во Македонија. Ги надминува сите разумни параметри, и го компромитира основаното инсистирање од страна на Бугарија да се придржува на факти и документи. Ние веруваме дека е потребна фундаментална промена на парадигмата во историското размислување, а за да се постигне тоа крајно време е да се отворат и бугарските медиуми, заклучуваат трисетината бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности во заедничкото писмо во кое го искажуваат своето противење на меморандум со кој Бугарија го условува стартот на пристапните преговори на С. Македонија со ЕУ.
Премиерот Зоран Заев, пак, вчера изјави дека не очекува Бугарија да го попречува стартот на пристапните преговори на земава со ЕУ и уште еднаш повтори дека идентитетските прашања, македонскиот јазик, македонскиот народ, се право на самоопределба, што не може да се оспорува.
– Уште еднаш напоменувам – идентитетските прашања, македонскиот јазик, македонскиот народ се право на самоопределба. Бугарија е европска земја и верувам дека во самите разговори, во самите документи е заради нивните напори, амбиции и оправдани желби да се најде заедничкото решение на заедничкото чествување на Гоце Делчев. Никако не очекувам да имаме пречки во тој дел заради тоа што дефинитивно од почетокот до ден денес Бугарија е еден од најголемите, ако не и најголем поддржувач на Република Северна Македонија во интеграциите во ЕУ. Бугарскиот народ сака да помогне на македонскиот народ, македонскиот народ сака пријателски да биде определен кон бугарскиот народ и така ќе се движат и самите политичари или институции соодветно на желбата за пријателство и за уште поголема соработка, рече Заев на новинарско прашање на одбележувањето на Светскиот ден на наставниците на плоштадот „Македонија” во Скопје.
Бугарија до земјите – членки на ЕУ на средината од минатиот месец испрати Меморандум во кој на шест страници обвинува за „државна антибугарска идеологија” во Северна Македонија како и за „етнички и јазичен инженеринг”. Објаснувачкиот меморандум е испратен до ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите на нашата земја со Унијата.
Во меѓувреме, копретседавачот на Македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања од македонска страна, Драги Ѓоргиев минатата недела потврди дека нова средба на Комисијата е закажана на 15 и 16, овој месец во Скопје. Средбата следи по пауза од една година, заради одржувањето на предвремените парламентарни избори во нашата земја првично закажани за 12 април, па пролонгирани на 15 јули, заради пандемијата со Ковид – 19.