Гостување на инфлуенсерка во Младеновац предизвика стампедо: Децата возбудени, родителите изреволтирани – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/20 9:39 PM

Гостување на инфлуенсерка во Младеновац предизвика стампедо: Децата возбудени, родителите изреволтирани

Српската општина Младеновац повика јавни личности на дружење со децата, а честа да биде прва од низата ја имаше Сара Дамјановиќ – позната тиктокерка и мајстор по такевондо. Иако беше најавено дека ќе ги посети основните училишта, по негодувањето кај дел од јавноста, дружбата беше преместена на градскиот плоштад.

Некои родители и наставници го оценија настанот како непримерен, додека од општинското раководство демантираат дека имало план Дамјановиќ да држи предавања во училиштата и одбиваат да зборуваат за Н1 – пренесе телевизијата. На плоштадот пак, за малку ќе избиел скандал.

Имено, големиот број основци според телевизијата, биле нетрпеливи да направат фотографија со Сара која е сензација на ТикТок, па настанало и стампедо. Општинскиот претставник Вељко Лукиќ давал се’ од себе за да ги смири возбудените деца, но тоа било безуспешно па „гостите“ биле евакуирани во општинската зграда.

„Ако сте од Младеновац и одите во основно училиште од петто до осмо одделение, тогаш ова ќе ви биде интересно со оглед на тоа дека во понеделник (петти октомври) ќе се дружиме во вашите училишта“, напиша Дамјановиќ најавувајќи ја дружбата со основците. Сепак дојде до промена на ваквиот план, откако дел од родителите реагираа на најавите дека по повод Детската недела, Дамјановиќ ќе им држи предавања на децата.

„Денеска сме овде конкретно поради спортот. Тоа е главното поради што сум повикана. Јас не сум инфлуенсерка, не сум тиктокерка, тоа не е нешто примарно во мојот живот. Мене ме следат милиони луѓе, сите знаат која сум и што сум јас и кои резултати ги имам зад себе, така што можам слободно да кажам дека сум дел од најуспешните луѓе овде на нашите простори“, тврди Дамјановиќ.

Ставот на родителите наиде на поддршка и од дел од просветните работници. Наставничката Славица Вишњиќ вели дека неа и колегите никој официјално не ги известил за доаѓањето на гостинката-предавач.

„Она што е скандалозно во целото ова случување е тоа што некој од општината се досетил тоа да го организира на своја рака. Ние не знаеме која е ползата, која е таа образовна или воспитна задача, каква слика им праќаме на децата. Јас како некој што предава ликовна култура се чувствувам повикана да реагирам и бев револтирана кога чув“, изјави наставничката.

Родителите и наставниците исто така се прашуваат – кој го организирал собирот во време на епидемија?

 

Извор:         ba.n1info.com