Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница, во име на малцинствата изнесе, како што рече, незадоволство и разочарување од фактот што власта не го слушна нивниот глас при донесувањето на новиот Изборен законик, во кој бараа загарантирана застапеност во законодавниот дом.
-Го пренесувам, огромното разочарување на претставниците на малцинствата во нашата земја: Македонци, Грци, Власи, Роми, Срби, Црногорци, Египќани и Бошњаци кои очекуваа дека Изборната реформа ќе го регулира прашањето за застапеноста на малцинствата со загарантирани места во Парламентот. Тоа како неопходност, но и како обврска која произлегува од меѓународните конвенции за заштита на националните малцинства, како и од меѓународните стандарди кои се занимаваат со прашањето на малцинствата, со посебен акцент на нивното учество во политичките системи, рече Стерјовски.
Додаде дека актуелниот регионален пропорционален изборен систем, но и денешните предложени измени се дискриминирачки и апсолутно на штета на малцинствата и не гарантираат можност за претставување на малцинствата во Собранието на Република Албанија чии претставници живеат низ целата територија на државата.
Како што посочи во дискусијата Стерјовски, недостига вистинска политичка волја и доволна поддршка од општеството за поддршка на барањата за измени во одредбите на изборното законодавство за да се гарантира застапеност на малцинствата во Парламентот со загарантирани места „како што е во многу европски земји, кои имаат различни форми на застапеност на малцинства во парламентот и учество во политичкиот живот”.
-Малцинствата во Албанија се едно богатство за иднината на земјата. Имајќи ја предвид стратешката цел на нашата земја – интеграција во Европската унија и знаејќи дека еден од основните критериуми за членство е почитување на човековите и малцински права, треба да се преземат мерки и да се обезбедат позитивни одредби за да се гарантира учество на малцинствата во Парламентот, порача Стерјовски.
Оцени дека тоа би претставувал важен чекор за демократизација на општеството и државата.
Според нивните здруженија, во Албанија живеат над 1,1 милион припадници на малцинствата и тоа од околу 150.000 Македонци, над 600.000 Грци, над 200.000 Роми и Египќани, над 70.000 Власи, 50.000 Срби и Црногорци, над 10.000 Бошњаци.
МИА