Сеќавање: Поминаа 13 години од „ѕвезденото небо“ на Тоше – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/20 4:22 PM

Сеќавање: Поминаа 13 години од „ѕвезденото небо“ на Тоше

Десетици илјади фанови на 5 октомври 2007 година го проследија спектакуларниот, за жал последен,  хуманитарен концерт на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески.

Поминаа цели тринаесет години без него, но неговиот ангелски глас го обедини регионот. Тоше остана запаметен по неговото големо срце и искрената насмевка.

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ проект поддржан од УСАИД, симболичната цена на картите од 200 денари отиде за петгодишен проект за основното образование.

Тогаш директорот на мисијата на УСАИД, Мајл Еди, се обрати на македонски и рече дека се гордее што работи со ѕвезда од рангот на Тоше Проески, а Тоше пак истакна дека училиштето во кое што учел како мал забрзано се реновира.

Публиката ќе го памети концертот како енергичен прераскажувајќи дека Тоше максимално и се предаде на својата публика. Најубав детал од тогаѓниот концерт е можеби моментот на ѕвездено небо – кога илјадници телефони и запалки светнаа на неговите романтичните рефрени.

„Вклучете ги телефоните, повторно направете ѕвездено небо. Не можам да ви опишам како изгледа одовде од свената. Ве молам сликајте, сакам слика од оваа убавина. Никогаш нека не се изгасне ѕвезденото небо“, рече Тоше.

Меѓутоа судбината како да сакаше поинаку и наместо  да го гледа ѕвезденото небо – се претопи во него.

Загина набрзо по концертот, на 16 октомври во сообраќајна несреќа кај местото Нова Градишка во Хрватска.