За десет дена завршува комплетната санација на карпата „Цуцка” на јужниот излез на Велес – ММС
ММС

Објавено на: 10/3/20 3:58 PM

За десет дена завршува комплетната санација на карпата „Цуцка” на јужниот излез на Велес

Алпинистите ангажирани од фирмата изведувач на градежите работи на санирање на карпата „Цуцка” ги вршат последните поставувања на заштитната мрежа на највисоките делови под малите отвори на врвот во кои порано се наоѓаа гнездата на белоглавиот орел. Од страната на регионалниот пат Велес – Градско веќе се завршени сите градежни работи. Долу, од самиот пат до висина од дестетина метри карпестиот масив е целосно саниран, потоа следи заштитна метална ограда а  има и делови со целосна заштитна цементна обвивка. Меѓу нив, на еден дел, каскадно наредени камени делови, како дополнителна заштита од спротивната страна на железничката пруга Скопје – Гевгелија .

Преку еден милион евра инвестираме само во санација на свлечиштето Цуцка во Велес и преку еден милион евра во изградба и санација на водоводни и канализциони линии во градот и населените места, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на „Цуцка”.

Министерот Бочварски и градоначалникот Аце Коцевски денеска извршија увид во санација на свлечиште на регионалниот пат Велес – Градско како и изградба на водоснабдителниот систем за населените места Раштани и Бузалково.

Овој инфраструктурен проект е од огромно значење за жителите на Велес и сите што сообраќајат низ овој регионален пат бидејќи конечно ја решаваме безбедноста во овој дел, истакна министерот Бочварски.

Санацијата на свлечиштето е во завршна фаза, за десетина дена ќе биде завршено. Потоа изведувачот до крај на овој месец ќе заврши со расчистување на локацијата и асфалтирање на оштетениот асфалт. Решаваме еден голем проблем за велешани, исто така го решаваме и проблемот со одроните на пругата на железничкиот Коридор 10.  Тоа што сакам да потенцирам е дека во завршна фаза е проектирањето на регионалниот пат од Катланово до Велес за што во втората половина на месец октомври ќе распишеме тендер за рехабилитација, инвестиција од 2,8 милиони евра. Исто така до крај на овој месец ќе распишеме и тендер за рехабилитација и на регионалниот пат од Велес до Граско, инвестиција од 4 милиони евра. Така да  ќе го  рехабилитираме стариот пат од Катланово па се до Градско”, додаде Бочварски.

Тој и градоначалникот Коцевски разговарале за постапките за носење на детални урбанистички планови и други капитални проекти од инфарструктурано значење за градот и верувам дека ова е правиот начин како ќе ги решаваме сите работи.

Рехабилитацијата на „Цуцка” ќе заврши пред проектираниот период.

 

Убавка Јаневска