Потпишани повеќе договори на заедничката седница на владите на Албанија и Косово – ММС
ММС

Објавено на: 10/3/20 8:21 AM

Потпишани повеќе договори на заедничката седница на владите на Албанија и Косово

Во Тирана се одржа заеднички состанок меѓу Владата на Албанија и Владата на Косово, при што меѓу двете земји се потпишани повеќе договори, меморандуми и протоколи за соработка во различни области, јавува aгенцијата Анадолија (AA).

На пленарната сесија, премиерот на Албанија, Еди Рама рече дека состанокот во Вашингтон, повторното отворање на дијалогот со Србија со посредство на Европската унија , напредокот во агендата на европските реформи, успешното раководство на Претседателството на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, не се целосни, но се некои од позначајните знаци на дипломатскиот напредок на Косово во последните месеци.

Премиерот Рама заедно со неговиот колега, премиер на Косово, Авдулах Хоти, одржа заедничка прес-конференција по заедничкиот состанок на владата, во текот на која се фокусираа на повеќе прашања, како што се зголемување на соработката меѓу двете земји, регионалната соработка и процесот на евроинтеграција.

Албанскиот премиер истакна дека фактите зборуваат за евидентен напредок во сите области на соработка и рече дека тие покажуваат дека ниту еден договор потпишан од основачкиот состанок на овој процес на интеракција на состаноците на двете влади не останал на хартија. Според него, договорите или се спроведени или се спроведуваат

„Секако, дека многу ми е драго што табуата за регионалниот Шенген веќе паднаа и тука повторувам регионалниот Шенген е проект на нашите деца”, рече Рама и истакна:„Регионалниот Шенген е проект кој директно ќе влијае на многу подобра иднина за нашата младина.”

Според, него тоа е трансформативен проект за начинот на живот во регионот.

„Наша обврска е да дадеме се од себе за конечно да се оттргнеме од минатото. Тоа е трансформативен проект за конечно решавање на големото прашање за признавање на Косово од страна на Србија“, рече Рама.

Премиерот на Албанија понатаму истакна дека е потребно да се работи на целосно претворање на границата во обична административна географска линија и слободен коридор за слободно движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.

Според премиерот Рама интеграцијата во ЕУ нема алтернатива.

Во однос на Договорот од Вашингтон (Договор од 4 септември), Рама рече: „Договорот од Вашингтон е изворедно важен од друг аспект, го врати Косово во позиција на која Косово секогаш треба да биде на меѓународно ниво “.

Во врска со прашањето за писмото на американскиот претседател, Доналд Трамп, упатено до Рама во кое го охрабрува да им се придружат на САД и дугите европски нации, за преместувањето на амбасадата на Албанија во Кудс (Ерусалим), премиерот Рама изјави: „Албанија е земја која има не само стара историска врска со Израел, туку и голема почит кон Израел, но Албанија во надворешната политика во овој поглед е целосно усогласена со Европската унија“.

Премиерот на Косово истакна дека е убеден оти договорите потпишани меѓу двете земји создаваат нов момент во меѓудржавната соработка, бидејќи, како што рече, тоа се проекти кои силно ги поврзуваат економиите и општествата.

„Со овие договори и пристапот што го изградивме, соработката што ја изградивме со премиерот Рама, верувам дека како две земји веќе работиме интензивно за да придонесеме кон регионалната стабилност и развој на целиот регион “, рече Хоти.

Косовскиот премиер се осврна на Договорот од Вашингтон, за кој рече дека создаве нов момент не само за Косово и Албанија, туку и за целиот регион.

„Договорот од Вашингтон несомнено создаде нов момент не само во Косово и Србија, туку и за целиот регион и сега ќе работиме тесно со сите земји во регионот за да ги зголемиме придобивките од овој договор”, истакна Хоти.

Тој посочи дека Косово останува посветено да биде извор на стабилност во регионот и конструктивен партнер на сите регионални иницијативи, како што рече, со единствена цел, односно евро-атлантска интеграција на целиот регион.

Состанокот на двете влади заврши со потпишување на повеќе договори, меморандуми и протоколи за соработка.

Двете земји потпишаа меморандум за соработка во областа на железничкиот транспорт, протоколот за промена и дополнување на договорот за меѓусебна соработка во областа на безбедноста, Протоколот за измени и дополнувања на Договорот за соработка за избегнување на двојно оданочување и за спречување на затајување данок.

Потпишан е и меморандум за соработка за воспоставување на 5G дигитален коридор, меморандум за основање на Заедничка кошаркарска лига, меморандум за заедничка дигитална платформа за предуниверзитетско образование и заеднички годишен културен календар.

Исто така, беше потпишан договор меѓу Албанија и Косово за евалуација на формирање заеднички фонд за поддршка на Прешевската долина, договор за соработка и взаемна помош во случаи на природни и други катастрофи, договор за соработка за мобилност при работа и дополнителен протокол договор за здравствена соработка против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).