Многу луѓе од околината на Биелина, Босна и Херцеговина, се вклучени во потрагата по кенгурот што пред речиси еден месец избега од приватен ранч со мал зоо-парк. Потрагата се претвори и во борба за живот на ова егзотично животно на овие простори, кое, инаку, главно живее во Австралија.
„Мора да го најдеме пред да престане вегетацијата зашто тогаш ќе остане без храна. Проблем се и се’ пониските температури, кои кенгурот тешко ги поднесува“, вели за „Српскаинфо“ сопственикот на ранчот, кој дава и награда за оној што ќе го пронајде кенгурот.
Тој бил виден повеќепати, но секогаш успевал да избега.
По Коки Кол, омилениот кенгур на децата што го посетувале малиот зоо-парк, ќе трага и Ловечкиот сојуз на Република Српска, кој планира во потрагата да вклучи и дрон.
Кенгурот со денови е и тема на социјалните мрежи. Шеговитите Семберци коментираат и оти жителите на селата во тој крај кога ќе го виделе мислеле дека е огромен глушец…