Ерменија се согласи, а Азербејџан не одговорил на повикот за договор за прекин на огнот – ММС
ММС

Објавено на: 10/3/20 6:41 AM

Ерменија се согласи, а Азербејџан не одговорил на повикот за договор за прекин на огнот

Ерменија ќе соработува со Русија, САД и со Франција на договор за прекин на огнот во Нагорно Карабах. Одлуката Ерменија ја донесе вчера затоа што се’ повеќе растел бројот на жртви во судирот што пред шест дена почна во врска отцепувањето на енклавата на југот на Кавказ, јавуваат агенциите.

Азербејџан, кој се бори против ерменските сили во Нагорно Карабах, не одговори на повикот за договор за прекин на огнот кој го упатија трите земји со поддршка на ОБСЕ.

Азербејџан соопшти дека досега убиени се 20 цивили и ранети 55 во нападите на ерменските сили и оти неговите вооружени сили им нанеле сериозни удари на ерменските во текот на конфликтот.

Ерменското Министерство за одбрана, пак, соопштува дека за еден ден на азербејџанска страна загинале 540 луѓе, а биле ранети околу 700, со што од строј биле исфрлени повеќе од 1.200, а притоа биле уништени 45 оклопни возила, три хеликоптери и по шест авиони и беспилотни летала.