Младиот англиски репрезентативец кој минатата сезона ја помина на позајмица во Чемпиошип во екипата на Свонси, Рајан Брустер, го напушта Ливерпул и се сели во редовите на Шефилд Јунајтед.
„Сечилата“ ќе мора да му платат на Ливерпул 23.5 милиони фунти за неговите услуги, а во договорот ќе стои и „buy-back“ клаузула во следните три години, која ќе може Ливерпул да ја активира доколку сака да го врати напаѓачот. Покрај тоа, 15 отсто од идната негова продажба ќе „легнат“ на сметката на тимот од „Енфилд“.
Шефилд Јунајтед сезонава има голем недостаток на реализација во нападот и сè уште нема постигнато гол во Премиер Лигата. Покрај Шефилд, за Брустер беа заинтересирани и Астон Вила, Брајтон, Барнли, Кристапл Палас, Фулам и Њукасл.
Ова е рекордно засилување за Шефилд Јунајтед, по купувањето на норвешкиот играч од средината на теренот во јануари, Сандер Берге, за 22 милиони фунти.