Апасиев поднесе кривични пријави против Смаиловиќ и шест други лица за закани – ММС
ММС

Објавено на: 10/2/20 2:32 PM

Апасиев поднесе кривични пријави против Смаиловиќ и шест други лица за закани

Претседателот на политичката партија Левица Димитар Апасиев, заедно со неговиот адвокатски тим, денеска во архивата на Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Мерсиха Смаиловиќ од Скопје и уште шест други лица кои му се закануваа нему и на членовите на неговото поблиско семејство.

Наводите од пријавата, информираат од партијата, се пријавени и до надлежните инспектори во МВР – СВР Скопје, Одделение за борба со компјутерски криминал.

– Кривичната пријава е поднесена поради постоење основи за сомневање за сторено тешко кривично дело: „Ширење на расисистички и ксенофобичен материјал по пат на комјутерски систем” казниво по член 394-г, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, како и за сторено кривично дело „Загрозување на сигурноста” – казниво по чл. 144, ст. 4, а во врска со чл. 23 од КЗ (поттикнување), се вели во соопштението од Левица.

Од Левица, исто така, наведуваат дека очекуваат ОЈО Скопје да постапи по пријавата со истата експедитивност како и во други експонирани случаи.

– Очекуваме ОЈО Скопје да постапи по пријавата со истата експедитивност како кога пријавен беше нашиот претседател Апасиев и да ги преземе сите процесни, предистражни и истражни дејствија – слично како во други експонирани случаи, кога како пријавители се јавуваа носители на јавни функции од власта, а нивните заканувачи беа експресно санкционирани (примерите со премиерот Зоран Заев, министерот Оливер Спасовски, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и др.), наведуваат од партијата.

Левица, стои во соопштението, будно ќе го следи текот на истрагата и благовремено ќе ја информира јавноста за постапувањето или непостапувањето на обвинителите од ОЈО по конкретниов предмет.