Американскиот технолошки гигант „Амазон“ соопшти дека околу 20.000 вработени се заразени со новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува агенцијата Анадолија (АА).
Информацијата беше потврдена преку соопштение објавено на корпоративната интернет-страница на компанијата.
Во соопштението се вели дека од март досега 19.816 вработени се заразени со овој вирус.
Исто така, компанијата „Амазон“, која во САД има над 1,3 милион вработени, соопшти дека стапката на заразување на вработените во компанијата со овој вирус е 42 отсто помала во споредба со општото население на земјата.
Не е споделен број од починати како последица на овој вирус, додека според американските медиуми, досега најмалку десет вработени на оваа компанија починале од Ковид-19.
Во текот на пандемијата, „Амазон“ одвреме-навреме беше критикуван дека не презел доволно мерки против Ковид-19 за безбедноста на вработените на магацинот, додека во некои американски сојузни држави вработените одржаа протести, а повеќето од вработените кои учествувале на овие протести, биле отпуштени од работа.