По повеќе од две децении започна да се пробива булеварот Благоја Тоска на потег од Клиничката болница Тетово кон средното текстилно училиште. Се очекува дел од овој булевар да биде пробиен годинава.
Со цел пробивање на дел од овој булевар, деновиве се урнати неколку куќи, каде треба да помине булеварот.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, вели дека повеќе од 80 % од експропријацијата на земјиштето на потег од Клиничката болница до средното текстилно училиште, каде се планира да се пробие булеварот е завршена работа. Токму оваа постапка според неа, повеќе од две децении го кочеше процесот на пробивање на овој значаен булевар за градот.
Поради ангажираноста околу пробивање на булеварот Благоја Тоска, постапката за пробивање на булеварот Индустриска е вратен еден чекор назад, призна градоначалничката Арифи. Но процесот на пробивање на овој булевар е многу полесен. Тука нема многу парцели за експропријација на земјиште, затоа што голем дел од парцелите каде треба да поминува булаварот е државен имот.
Инаку во Тетово постои уште еден булевар кој не е пробиен докрај. Се работи за сообраќајницата Илинденска, но поради трасата каде што треба да поминува низ многу имоти од тетовци, засега градот не размислува да го заврши целосно овој инфраструктурен проект.
Токму поради непробиените булевари, Тетово во текот на целиот ден се гуши во сообраќен хаос, поради тоа што голем дел од сообраќајот па и транзитниот се одвива по тесните улици и сокаци на Тетово.
Зоран Димовски