Весели детски очиња под маски- Штипските основни училишта ја почнаа годината со новото нормално – ММС
ММС

Објавено на: 10/1/20 6:20 PM

Весели детски очиња под маски- Штипските основни училишта ја почнаа годината со новото нормално

По половина година празни училишта, од денес детски џагор ги наполни училишните клупи. До пред врата за рака со родителите, а од таму сами продолжуваа во „новата реалност“. Тука ги чека наставникот, а по него училишниот служител за да им измери температура и да влезат внатре во училиштето.

Најинтересни се првачињата. Тие за прв пат влегуваат во училиште. Маските не можат да ги сокријат веселите детски очиња, љубопитни за околината, новите другарчиња и за новата фигура во нивниот живот – наставникот.

Додека поголемите ќе учат од дома, првачињата и оние во второ и трето одделение, годинава ја започнуваат со физичко присуство.

Сите денес официјално седнаа во училишните клупи. Имаа по еден час – се запознаа со „новото нормално“, им беа објаснети протоколите – како да се чуваат и да се грижат за другите.

Во Штип директорите согласни – првиот училишен ден поминал во најдобар ред.

Годинава наместо традиционалните маички за првачињата, од локалната самоуправа оние кои треба да седнат во училишните клупи добија заштитни маски.

Екипата на „ММС“ го посети ООУ „Димитар Влахов“. Таму не пречека директорот кој ни кажа дека на првиот училишен ден биле присутни речиси сите запишани дечиња од прво до трето одделение, а од  четврто и петто на онлајн настава се вклучиле повеќе од 95% од учениците.

– Од прво до трето, поради големината на одделенијата, децата одат на училиште во две групи. Иако денес имаа само еден час, од утре првата група А ќе оди на училиште од 7:30 до 10:30, по нив наставникот ќе ја преземе групата Б се до 12:50, вели директорот Миле Младеновиќ.

Во училиштата сепак се сите наставници – и оние кои држат часови и оние кои лекциите ги предаваат онлајн. Министерството наложи часовите да ги држат од училници.

Слабата ИТ опрема е најголемиот проблем за Основното училиште „Гоце Делчев“. Директорот Трајче Димов сепак е задоволен од првиот ден, кој рече дека поминал релативно добро. Овде освен децата до трето одделение, присутни беа и оние од шесто, но само на еден ден за да се запознаат со своите предметни професори.

Во ООУ „Тошо Арсов“, децата влегуваат преку три влеза, се со цел да има еднонасочно движење . На сите три со дезинфицирање на рацете и обувките. Директорката Фросина Маџарова вели дека измеѓу двете групи од едно одделение, имаат пауза од 40 минути за темелно чистење на училниците.

Физичко присуство Владата дозволи и за децата со посебни потреби. Вакви паралелки има во ООУ „Ванчо Прќе“. Според директорот Методи Папаров, првиот училишен ден бил успешен и за нив,  но и за оние кои следеле од дома. Овде со комбинирана настава се и подрачните училишта во  Селце и Лакавица.

Теодора Новеска

Фото: Кире Андонов