Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со претставници на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со кои разговараше за состојбата со слободата во медиумите, синдикалното организирање и за условите во кои работат новинарите и медиумските работници.
– Беше дискутирано за прашањата кои е потребно да се уредат во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, како и за овозможувањето на соодветни услови за новинарите слободно да ја вршат својата работа, со оглед на тоа дека медиумските слободи се уште остануваат предизвик за кој е потребен ангажман на сите засегнати страни со цел изнаоѓање на долгорочни решенија, информира Кабинетот на претседателот.
На средбата се разговарало и за работата на новинарите и медиумските работници во услови на КОВИД-19, при што е нагласено дека сите институции, организации и компании кои ги канат медиумите на настани треба да обезбедат соодветни услови за тие да ја извршуваат својата работа.
Претставниците на ССНМ го информирале претседателот за иницијативата на која работат заедно со останатите релевантни медиумски организации за измена на одредбите во Кривичниот законик, со цел нападите врз новинарите и медиумските работници да бидат истражувани по службена должност.
Претседателот Пендаровски дал поддршка за ваквите измени со кои ќе се овозможи нападите врз новинарите и медиумските работници да се третираат како кривични дела.