Советници од мнозинството во кумановскиот Совет, вчера гласаа за долгорочно домашно задолжување на Куманово за речиси еден милион евра во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2). Советниците од опозицијата претходно ја напуштија седницата која траеше речиси цел ден.
Преку овој проект општината се задолжува преку државата од Светска банка за скоро еден милион евра со кои ќе се набави механизација и опрема за четири јавни претпријатија „Водовод”, „Чистота и зеленило”, „Куманово-гас” и „Куманово-паркинг”.
Износот на заемот е 63 милиони 754 илјади 712 денари, каматна стапка е еден процент, времетраење на заемот е 13 години, со грејс период од три години.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски во дебата која водеше со единствениот претставник од опозицијата, советникот, Зоран Петрушевски рече дека станува збор за атрактивни средства кои се обезбедуваат преку државата како кредит од Светска банка и при негова имплементација, општината добива неповратни средства во висина од 20 проценти од износот на земениот кредит или во овој случај некаде над 200.000 евра кои ќе се користат за инфраструктура во градот.
Тој потенцираше дека различните претпријатија ќе набават камиони, ровокопачи, багери, пајак возило, но и ќе создадат дополнителни заштеди, а на граѓаните ќе им обезбедат поквалитетна услуга. Тој потсети дека на предлог на опозицијата организирал и јавна расправа.
Советникот Петрушевски рече дека на дебатата не присуствувале претставници на месни заедници, ниту, пак, од Советот за заштита на потрошувачи, дека не е спорно што општината се задолжува, но не и за претпријатија кои треба самите да си купат возила.
Тој рече дека граѓаните требале да кажат што за нив е приоритетно, посочувајќи изградби на инфраструктура во населби.
Димитриевски му порача дека Владата, предводена од СДСМ ги охрабрува општините да се однесуваат одговорно, да создаваат трајни вредности и нагласи дека општината веќе е раздолжена и има капацитет да го врати и овој долг.
Пред повеќе од две недели на седница беше ставена оваа точка која по жестока дебата беше преименувана од предлог одлука во нацрт одлука, по што следеше јавна расправа на која граѓаните не дебатираа воопшто за одлуката.
МИА