Комисијата што ги организира американските претседателски дебати вели дека ќе го смени форматот, со цел преостанатите две дебати меѓу Доналд Трамп И Бајден да бидат „поуредни“.
Една од новите мерки може да биде исклучувањето на микрофонот на кандидатот кој се обидува да му влезе во збор на другиот.
Оваа објава дојде по „нервозната“ дебата во вторникот што беше исполнета со низа расправии и навреди.
Во соопштението од Комисијата стои дека дебатата јасно покажала дека се потребни структурни промени за следните дебати, со цел уредно да се дискутира за поставените прашања.
Комисијата во соопштението додала и дека му е благодарна на модераторот Крис Валас за професионализмот што го покажал и што се трудел да одржи ред во дискусијата.
За време на дебатата претседателот Трамп постојано го прекинуваше Бајден, што доведе до тоа тие често да зборуваат во исто време.
Трамп запраша дали Бајден е интелигентен, а Бајден пак го нарече кловн и во еден момент го праша „ќе заќутиш ли“?
„Си-Би-Си“ цитирајќи свој извор, напиша дека комисијата ќе ги помине следните 48 часа пишувајќи нови упатства и правила за следната дебата.
Според нив, контролирањето на микрофоните е на врвот на листата – со цел да се спречи тие да го прекинуваат модераторот или да си влегуваат во збор еден на друг. Како што е соопштено, двата претседателски тима ќе бидат известени за промените и новите правила нема да бидат предмет на дискусија и промени.
Комисијата е непартиско тело што организира претседателски дебати од 1988.
За новите промени, на својот твитер профил се огласи и претседателот Трамп. Напиша дека можеби Комисијата треба да си најде подобар модератор и попаметен кандидат од Демократската партија.