ОФИЦИЈАЛНО: Лукас Пакета од Милан се сели во Лион – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 6:26 PM

ОФИЦИЈАЛНО: Лукас Пакета од Милан се сели во Лион

Бразилскиот репрезентаивец и довчерашен фудбалер на италијански Милан, Лукас Пакета, за 20 милиони евра се пресели во редовите на четвртфиналистот од изминатата сезона од Лигата на Шампионите.

Пакета ќе го носи дресот на Лион во следните пет години и веројатно ќе биде замената за Хусем Ауар, кој по сите изгледи ќе го напушти францускиот тим и ќе се пресели во Англија.

-Пресреќни сме и со задоволство ќе го пречекаме Лукас Пакета. Ова за нас претставува важно засилување, сакаме да креираме компетитивен состав со Жунињо. Моравме затоа да направиме ваков голем трансфер. Сигурни сме дека ќе се интегрира брзо во тимот, изјави претседателот на Лион, Жан Мишел Ола.

Пакета веднаш по ставањето на потписот изјави благодарност до неговиот поранешен клуб Милан, бидејќи според него, Милан му помогнал да прогресира во кариерата и да се етаблира како фудбалско име во Европа.

-Подготвен сум да работам и да го дадам најдоброто од себе. Одвај чекам да покажам што знам и да се појавам на тренинг. За Лион знаат многумина во Бразил и во мојата земја Лион има огромни симпатии, рече Пакета.

Миланезите до крајот на летниот трансфер период ќе се обидат да доведат соодветна аквизиција од нападот, а како имиња кои се поврзуваат со седумкратните шампиони на Европа се Киеза од Фиорентина и Балде Кеита од Монако.