Ференцварош се враќа во Лигата на Шампионите после 25 години, Олимпијакос и Динамо Киев лесно до групната фаза – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 5:03 PM

Ференцварош се враќа во Лигата на Шампионите после 25 години, Олимпијакос и Динамо Киев лесно до групната фаза

Реванш дуелите во последното четврто коло во квалификациите за Лигата на Шампионите, го промовираа унгарскиот шампион Ференцварош во групната фаза во ова натпреварување, заедно со грчкиот шампион Олимпијакос и украинскиот вице-шампион, Динамо Киев.

Голот во гости, во случајот трите голови во гости во првиот двобој помеѓу Ференцварош и норвешки Молде, беа и повеќе од доволни за Унгарците да се вратат во елитата по 25 години пауза.

И едните и другите се чини дека ја истрошија муницијата во првото соочување и затоа реваншот една недела подоцна заврши без голови и без поголеми возбудувања. Најдобрата прилика за гостите се појави во 76-тата минута од мечот кога Ерик Хестад во ситуацијата еден на еден со голманот на Ференцварош, Денес Дибуш, шутираше непрецизно.

Во грчко-кипарското дерби, Омонија на домашен терен не успеа да ги надокнади двата гола негатива од првиот дуел во Атина. Домаќините беа во незавидна ситуација во текот на сите 90 минути. Црвено-белите напаѓаа, имаа иницијатива и создаваа шанси, а голманот на Омонија, бразилскиот интернационалец Фабиано, уште еднаш ги покажа своите квалитети како на дуелот со Црвена Ѕвезда.

На единствениот дуел каде што имаше погодоци, Динамо Киев рутинирано го совлада белгиски Гент, можеби и полесно од очекувањата, со резултат 3:0 и си обезбеди билет за европска есен. Украинците рано отворија со голот на Бујалски, а Уругваецот, Де Пена при крајот на првото полувреме го зголеми водството од белата точка.

Почетокот на второто полувреме не беше нималку како од соништата за Гент, бидејќи во 49-тата минута гостите направија уште еден прекршок кој беше санкциониран за најстрога казна. Џерсон Родригез сигурно стрелаше и го поставви конечниот резултат. Динамо Киев во првата средба го победија Гент на гостински терен со 1:2.

Вечерва од 21:00, Митиланд ќе ги вкрсти копјата со Славија Прага, Паок со Краснодар, а Салзбург ќе го пречека израелскиот првак Макаби Тел Авив.

Ждребот за групната фаза во ЛШ ќе биде одржан утре во Женева.