Синдикатот на УПОЗ бара итно повлекување на одлуката за фиксно работно време – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/20 11:16 AM

Синдикатот на УПОЗ бара итно повлекување на одлуката за фиксно работно време

Синдикатот на УПОЗ бара итно повлекување на одлуката за фиксно работно време бидејќи, според нив, тоа е спротивно на Гранскиот колективен договор потпишан на почетокот на годинава во кој е утврдено флексибилно работно време.

Од Синдикатот на УПОЗ велат дека се затекнати од ваквата одлука на Владата бидејќи не биле информирани и консултирани како социјален партнер.

– Ваквата одлука, за Синдикатот на УПОЗ е нејасна и конфузна и веднаш создаде револт меѓу вработените од причина што Владата со носењето на ваквата одлука сметаме дека не го почитува социјалниот дијалог, постапува спротивно на Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и го негира Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија, кој Владата го потпиша на почетокот на оваа година, се вели во реакцијата.

Синдикатот на УПОЗ посочува дека во Гранскиот колективен договор е определено флексибилно работно време од 07:30 – 08:30 часот до 15:30 – 16:30 часот и оти вака утврденото право не може и не смее да се дерогира со еднострани одлуки.

– Синдикатот на УПОЗ сепак се надева дека Владата на Р.С. Македонија ќе ја преиспита ваквата одлука и истата ќе ја повлече бидејќи флексибилното работно време беше наше барање и таа одлука беше позитивно прифатена од вработените и даде позитивни резултати, велат од Синдикатот.

Владата вчера на седница донесе одлука времено да се суспендира одлуката за флексибилно работно време за сите вработени во државната управа и од 1 октоври за сите да има едно работно време од 8 до 16 часот.

МИА