Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција стои покрај Азербејџан и на терен и на маса и дека сакаат од корен да го решат ова прашање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу заедно со заменик-претседателот на АК Партијата, Нуман Куртулмуш, го посетија амбасадорот на Азербејџан во Анкара, Хазар Ибрахим. Веднаш по посетата даде изјава за медиумите.
Истакнувајќи дека поддршката на Турција за Азербејџан е позната во целиот свет, не само кај турскиот народ, Чавушоглу рече дека со посетата на Амбасадата уште еднаш ја потенцирал поддршката на Турција и на турскиот народ.
Чавушоглу, истакнувајќи дека денес уште еднаш разговарале со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, рече: „Постојано сме во контакт. Заедно ги следиме случувањата. Ова утро имав телефонски разговор со Хајко Мас (министер за надворешни работи на Германија). Разговаравме за најновите случувања и агресијата на Ерменија. Ние ги споделивме нашите размислувања за тоа како треба да се реши проблемот.“
Ерменија ќе се повлече од окупираните азербејџански територии
Чавушоглу, посочувајќи дека решението на проблемот Ерменија – Азербејџан е „едноставно“, рече: „Всушност, решението на овој проблем е едноставно. Постои само едно решение. Ерменија ќе се повлече од азербејџанските територии што ги окупира. Овој проблем нема да се реши доколку не се случи ова повлекување.“
Нагласувајќи дека резолуциите на Обединетите нации (ОН) за територијалниот интегритет и единството на Азербејџан се јасни, Чавушоглу рече дека и покрај сето тоа, Групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не презела никакви конкретни чекори за решавање на проблемот.
„Ние стоиме покрај Азербејџан на теренот и на масата. Сега сакаме од корен да го решиме овој проблем. Да го решиме овој проблем за во Кавказ, во овој регион да дојде мирот и стабилноста. Да се ослободат окупираните територии на Азербејџан. Близу еден милион Азербејџанци, кои мораа да мигрираат, да се вратат во своите домови“, нагласи Чавушоглу.
Нагласувајќи дека, како турска дипломатија, низ целиот свет ќе продолжат да стојат покрај братскиот Азербејџан, Чавушоглу рече: „Ние го правиме тоа што треба да се прави за ‘една нација две држави‘. Ние, особено на местата каде што Азербејџан нема амбасадори, даваме услуги како да сме амбасада на Азербејџан и ќе продолжиме да даваме. Исто така и сите претставништва на Азербејџан даваат услуги како да се претставништва на Турција. Кога е потребно делуваме како една држава. Оваа солидарност ќе продолжи.“