Ги застапуваме интересите само на производителите на грозје членови на регионалното здружение, информираа денеска од „Напредни лозари” Кавадарци. Оттаму нагласија дека во Здружението членуваат околу 1.500 членови од неколку општини од Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата.
-Се залагаме за подобри денови за лозарството. Подобар пласман, посолидни цени и начин на плаќање за грозјето. Мораме да нагласиме дека и овој гроздобер, кај нас се обраќаат лозари кои бараат да им помогнеме, а притоа не се наши членови. Сакаме да им укажеме на таквите лозаропроизводители дека со самото членство во Здружението, со плаќањето на членарина, се придонесува за создавање на можности да се делува на планот на изнаоѓање на решенија за лозарските проблеми, нагласи претседателот Трајче Кулев за МИА.
Тој додаде дека во Тиквешијата има неколку илјади лозарски семејства и дека сите оние кои сакаат да бидат застапувани од Здружението, треба да ја поддржат неговата работа.
-На тие што не се наши членови, не сме во можност да им излеземе во пресрет кога станува збор за нивните барања околу лозарските проблеми, дециден беше Кулев.