Академија Пандев против Вардар, Гостивар на мегдан кај Шкендија во 1/8 финалето од Купот на Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 09/29/20 2:15 PM

Академија Пандев против Вардар, Гостивар на мегдан кај Шкендија во 1/8 финалето од Купот на Македонија

Ждрепката за 1/8 финалните дуели од Купот на Македонија, одржана денес во „Куќата на фудбалот“ на ФФМ, ни донесе поприлично интересни двобои и соочувања.

Актуелниот македонски шампион Вардар, кој имаше сериозни потешкотии против истоимениот клуб од гостиварско Форино изминатата недела на гостински терен и по пенал рулетот успеа да се пласира во следната фаза, овојпат оди во Струмица кај Академија Пандев.

Пандевци оваа сезона имаа високи очекувања, но на изненадување на сите бавно ја започнаа кампањата 2020/21 во македонското фудбалско првенство.

Тетовска Шкендија ќе го пречека Гостивар во Тетово, додека пак Струга Трим Љум на домашен терен ќе брка пласман во 1/4 финале против скопски Работнички. Осминафиналето во Купот на Македонија посака уште еден прволигашки дуел помеѓу екипите на Ренова и Пелистер.

Во оваа фаза од натпреварувањето ќе се сретнат и екипите на Брегалница и Беласица, Шкупи и Кит Го, Македонија Ѓорче Петров и Каменица Саса, додека пак гевгелиски Кожув ќе го угости тимот на Силекс од Кратово.

Целосните парови во 1/8 финалето од Купот на Македонија се:

Шкендија – Гостивар

Академија Пандев – Вардар

Македонија ЃП – Каменица Саса

Ренова – Пелистер

Струга Трим Љум – Работнички

Брегалница – Беласица

Шкупи – Кит Го

Кожув – Силекс

Осминафиналните дуели ќе се одиграат на 21 октомври, а четвртфиналните пресметки на 25 ноември. Полуфиналето ќе се игра на седми април, а мечот за трофејот на 19 мај.