Како двајца Французи можат да стават во карантин 2.000 Исланѓани – ММС
ММС

Објавено на: 09/29/20 9:12 AM

Како двајца Французи можат да стават во карантин 2.000 Исланѓани

Скокот на бројот на заразени со Ковид во островската држава Исланд ги загрижи тамошните епидемиолози и власти, па веднаш почнаа да применуваат мерки за затворање на кафулињата и клубовите на четири дена.

Стапката на инфекција за само десет дена скокнала од 7,3 на 89,7  на 100.000 луѓе. Тие бројки се минорни за многу светски земји. Исланд сега има 44 нови случаи дневно и е без смртни случаи од април, а враќањето на инфекцијата ги загрижило тамошните власти, па во карантин ставиле повеќе од 2.000 луѓе во Рејкјавик.

Повеќето нови случаи на зараза се поврзани со двајца француски туристи кои ги прекршиле правилата за самоизолација по доаѓањето на Исланд. Две кафулиња биле идентификувани како нови жаришта, а нови случаи биле откриени и во два универзитети во градот.

“Овој француски вирус, како што би можеле да го наречеме, ни зададе големи проблеми. Имам информации дека било тешко да се натераат француските туристи да се придржуваат до мерките”, изјавил главниот епидемиолог Торфолфур Гуднасон.