Познато е дека соседите не може да се избираат, а изгледа оти тоа повторно се претвори во проклетство во случајот на Северна Македонија. Откако Грција со децении и’ го спречуваше приемот во НАТО и ЕУ, сега пред неа се испречи и источниот сосед, Бугарија, стои во коментарот на виенски „Стандард“.
Владата на бугарскиот премиер Бојко Борисов прави маневар за свртување на вниманиео, бидејќи „се најде под огромен притисок зашто од јули не престануваат демонстрациите поради отсуството на правна држава, па сега, очигледно, игра на националната карта и поставува тема која нема никаква врска со влез во ЕУ: јазик и идентитет“, пишува автстрискиот дневник.
„Според еден бугарски наратив од екстремно националистичка природа, Македонците , всушност, биле Бугари, кои зборуваат на бугарски јазик, значи вештачки создадена нација. Таквата претстава дека соседите припаѓаат на сопствената група, но се заслепени е многу присутна на целиот Балкан. Целта на таквиот национализам е да ја зголеми важноста на сопствената група и нејзиното историско значење, а да се намали значањето на другата група“, пишува „Стандард“.
Весникот во коментарот оценува и оти „Северна Македонија во Југоисточна Европа со години важи за примерна држава, во која во најмала рака има обиди да се воведе правна држава, но во ЕУ недостасува поддршка за земјата“, пишува „Стандард“, а пренесува „Данас“.