До крајот на годината локалните власти во Дојран очекуваат да се завршат градежните работи кои летово почнаа на зелената површина до општинските простории, каде според најавите треба да никне голем уреден парк.
Со крајот на сезоната градоначалникот Анго Ангов најавува дека ќе ги зголеми градежните работи, а следен потег на кој ќе се уредува зеленилото е просторот во правец на хотелот “Романтик” и хотелот “Полин”.
– Освен големиот парк кој е веќе започнат ќе се движиме надоле така што централниот дел до крајот на годината би требало да биде завршен. Следно ќе се распише втората тендерска постапка за делот од амфитеатарот и уредување околу него, така што ќе добиеме нова целина во Стар Дојран – вели Ангов.
Градежните активности се во рамки на проектот,“Дојран туристички бисер на југоисточна Македонија”, финансиран од ЕУ и Владата, а се спроведува преку програмата за инфраструктурни грантови во вкупен износ од околу 45 милиони денари.
Проектот предвидува партерно и хортикултурно уредување на Зелена рекреативна зона- Градски парк Дојран, санација на оштетени делови на Отворена летна сцена, асфалтирање на улица до сцената и партерно и хортикулурно уредување. Вкупната површина која треба да се уреди изнесува 36.000м2, со дополнителни содржини кои опфаќаат изградба на летниковци, детски игралишта, игралишта за домашни миленици, и простор за рекреативни друштвени игри.
Од општината очекуваат Дојран да биде посетуван до крајот на оваа година со оглед на тоа што половината од ваучерите се уште не биле искористени.
Роза Шулева