Родри: Лестер беше среќен и не направи ништо против нас – ММС
ММС

Објавено на: 09/28/20 2:05 PM

Родри: Лестер беше среќен и не направи ништо против нас

Шампионот на Премиер Лигата од 2016 година, Лестер Сити, во рамките на третото коло во најдобрата светска клупска лига го направи најголемото изненадување, поразувајќи го фаворизираниот состав на Пеп Гвардиола со 2:5 на „Етихад“.

Манчестер Сити рано во четвртата минута преку Ријад Марез го отвори резултатот и кога сите очекуваа висока и сигурна победа на Манчестер Сити, се случи токму спротивното. Дефанзивата на „граѓаните“ по примениот гол за 1:1 од белата точка од Џејми Варди и излегувањето на Фернандињо од игра, практично се распадна.

Во вториот дел Едерсон мораше да ја вади топката од својата мрежа уште четири пати. Варди двапати, Тилеманс еднаш и Џејмс Медисон еднаш, му ја окончаа судбината на еден од главните фаворити за шампион во Англија.

По завршувањето на натпреварот, фудбалерот од средниот ред на домаќините и некогашен играч на Атлетико Мадрид, Родри, за медиумите даде прилично контроверзна и неџентлменска изјава. Според него, Лестер ништо не направил во 90 минути, само имал огромна среќа.

-Можеби е наша грешка, можеби е нивната сила во прашање. Тешко е да се објасни. За мене, тие имаа среќа, фудбалот не беше наклонет кон нас. Направивме многу добри работи за да го добиеме мечот, но екипа како Лестер дојде на „Етихад“ и играше со 11 играчи позади топка. Млад сум и се обидувам да учам после секое соочување, ама натпревари како овој каде што противникот не прави ништо, те доведуваат до конфузија, изјави Родри за „BBC Radio 5“.

 

Следниот противник на Манчестер Сити е екипата на Барнли во Карабао Купот во среда.

Од другите натпревари од третото коло, ВБА и Челзи одиграа луд натпревар со шест погодоци. Момците на Славен Билиќ одлично ги искористија грешките на одбраната на гостите и по 25 минути игра водеа со неверојатни три гола разлика. Во второто полувреме Челзи се консолидираше и постигна три погодоци за возбудлив камбек и спасување бод.

Манчестер Јунајтед по поразот на отворањето се искупи со победа на гости против Брајтон од 2:3 и тоа по консултацијата со ВАР собата по завршувањето на регуларните 90 минути. Евертон продолжи со добрите игри и скорот од 3/3, победувајќи го Кристал Палас на гости со 1:2. Саутемптон го победи Барнли на гости со минимални 0:1, Дени Ингс повторно се најде на листата на стрелците.

Неделната програма ни ги понуди Шефилд и Лидс од најраниот термин, новајлиите на Биелса уште еднаш покажаа дека не се случајно во Премиер Лигата и дека со нивниот брз и напаѓачки фудбал ќе претставуваат опасност за амбициите на големците во друштвото. Поранешниот јуниор на Челзи, Патрик Бамфорд го постигна единствениот гол – вреден три бодови за Лидс. Тотенхем и Њукасл изиграа реми 1:1, a Вест Хем малку и неочекувано го демолираше Волвс со 4:0.

Денес од 18:45 ќе се соочат Фулам и Астон Вила, додека дербито на колото од 21:00 помеѓу Ливерпул и Арсенал ќе ни даде одговор дали конечно Арсенал има созреано и дали Ливерпул и сезонава останува број еден колектив во Англија.